Американскиот министер за здравство Роберт Кенеди Јуниор денеска ги повика земјите-членки на Светската здравствена организација (СЗО) да „размислат да се приклучат“ на САД, кои го започнаа процесот на напуштање на организацијата.
САД беа најголемиот донатор на СЗО, што заминувањето на Вашингтон и неговото одбивање да ја плати членарината за 2024 и 2025 година доведе до сериозни финансиски тешкотии.
„Ги повикувам министрите за здравство ширум светот и СЗО да го видат нашето повлекување од организацијата како повик за будење“, рече Кенеди во видео-пораката, додавајќи дека САД „веќе посегнале до истомислениците и ги охрабруваат другите да размислуваат да им се придружат“.
Кенеди, долгогодишен критичар на СЗО и противник на вакцините, во својата порака до Собранието на СЗО во Женева, ја нарече СЗО „арогантна и умирачка“ организација која е „под прекумерно влијание од Кина“, родовата идеологија и фармацевтската индустрија.
„СЗО е заглавена во прекумерна бирократија, вкоренети парадигми, судир на интереси и меѓународни игри на моќ“, рече Кенеди, додавајќи дека сака да ја ослободи меѓународната здравствена соработка од „оковите на политичкото мешање и корумпираните влијанија“.
Кенеди оцени дека приоритетите на СЗО „сè повеќе ги рефлектираат предрасудите и интересите“ на медицинските компании и дека СЗО „премногу често дозволува политичките прашања, како што е промоцијата на штетната идеологија, да ја одвлечат од нејзината основна мисија“.
По враќањето во Белата куќа во јануари, претседателот Доналд Трамп иницираше едногодишен процес со кој САД ќе ја напуштат СЗО.