Најдобрата тенисерка во светот, Арина Сабаленка, во емотивно интервју за „Вог“ проговори за трагедиите што целосно ѝ го промениле животот и признa дека сè уште не успеала да се соземе по смртта на поранешниот партнер, Константин Колцов, и на својот татко, Сергеј.
Белорусинката откри дека најтешкиот момент бил во март 2024 година, кога полицијата во Мајами ѝ ја соопштила веста за смртта на Колцов.
- Се расправав со полицаец. Едноставно не можев да го прифатам тоа што се случи – призна Сабаленка.
Само неколку дена по трагедијата, таа, сепак, настапи на Мајами опен, потег што предизвика бројни реакции во јавноста.
- Нема правилен или погрешен начин да се тагува. За мене, враќањето на работа беше единствениот излез – објасни светскиот рекет број еден.
Призна дека и денес тешко се справува со загубата на својот татко, кој почина во 2019 година.
- Понекогаш плачам кога гледам видеа од родители што ги слават успесите на своите деца спортисти. Секогаш си замислувам како би реагирал татко ми за моите победи – додава таа.
Белорусинката зборуваше и за својата темпераментна природа на теренот, признавајќи дека во минатото често губела контрола.
- Кога бев помлада, многу си се лутев себеси. Сега разбирам дека е во ред да фрлите рекет, да викате и да ги покажете емоциите. Понекогаш едноставно мора да збеснете за повторно да се фокусирате – изјави Сабаленка.
Таа додаде дека притисокот во врвниот тенис е огромен и дека кога сте меѓу најдобрите во светот, никогаш не треба да бидете задоволни со пораз.











