EPA/LUKAS COCH AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка повеќе од лесно ја победи Украинката Елина Свитолина во полуфиналето на Австралија опен со 2:0, а еден детаљ на самиот почеток на натпреварот привлече големо внимание. На почетокот од четвртиот гем, Свитолина сервираше, а по неколку размени на удари, судијата Луис Енгзел го прекина поенот. Имено, Сабаленка, како и обично, испушташе звуци додека ја удираше топката, но во текот на спорниот поен испушти два последователни звука.

Свитолина, исто така, се прашуваше зошто е прекинат поенот, а збунетата Сабаленка веднаш му се приближи на судијата за да добие објаснување.

– Испушти звук „ах-аја“. Не испушти нормален звук, ова е одвлекување на вниманието –  ѝ објасни Енгзел на белоруската тенисерка за тоа дека го прекршила таканареченото правило за „пречка“.

Сабаленка, исто така, побара видеоверификација и откако го прегледа видеото, судијата остана зад својата одлука.

По натпреварот, Сабаленка објасни што се случило во тој момент.

– Никогаш не ми се случило ова. Не знам како да го објаснам, топката беше длабока, отскокна како што не очекував и сè беше во темпото, а јас воздивнав и тоа беше сосема природна реакција, за мене. Кога го запре судијата поенот, си помислив: „Што ти е?“ Мислам дека донесе погрешна одлука, кажувајќи го ова на убав начин… Ме изнервира – рече Сабаленка.

Сабаленка ќе игра против Рибакина во утрешното финалето на Австралија опен  од 9.00 часот по македонско време.

ИЗДВОЕНИ