Белоруската тенисерка Арина Сабаленка се квалификуваше за третото коло на Мастерсот во Синсинати, а потоа имаше порака за организаторите. По победата против Маркета Вондрушова од Чешка (7:5, 6:1), во изјава по натпреварот, таа изрази нездоволство од промените во комплексот, но и незадоволство од просторот за јадење.
„Кога дојдов тука си помислив „каде сум?“. Сосема поинаков турнир, тие направија импресивна работа. Сè е збунувачко. Полека се навикнувам на тоа“, рече Белорусинката и додаде:
„Единственото барање што го имам е просторијата каде што јадеме да биде уште поголема. Има толку многу луѓе, премалку маси. Ве молам направете повеќе простор следната година, сите сакаат да јадат, сите сакаат да поминуваат време таму. Ве молам, ни треба поголем простор. Освен тоа, сè друго е одлично, уживам тука“, рече Сабаленка.
Во следното коло таа ќе игра против Ема Радукан од Велика Британија.