Владата на Германија веќе ја одобри минималната плата за работен час: во две етапи, да порасне на 14,60 евра. Минималната плата во Албанија ќе се зголеми на 50.000 албански леки (515 евра), а во Косово, најниската плата два пати ќе оди нагоре, и тоа од 1 јануари ќе изнесува 425 евра, а од 1 јули 2026 година ќе достигне 500 евра месечно.Во Македонија, во март годинава беше направена корекција на минималната плата и таа сега изнесува 24.379 денари. Претворено во минимална плата од час, изнесува 146 денари (2,4 евра). Од Сојузот на синдикати на Македонија на ЕСС дадоа предлог за минимална плата од 500 евра, но Владата и работодавците не го прифатија. Според премиерот Христијан Мицкоски, платите во јавниот сектор растат, а во приватниот треба да се зголеми продуктивноста на работниците за да се стигне до таа сума. Истражувањето на Центарот за економски анализи – ЗМАИ и на Виенскиот институт покажа дека македонските работници се попродуктивни отколку што се платени. Според истражувањето, платите кај нас се околу една третина од просекот на ЕУ, додека продуктивноста е над 50 % од онаа во Унијата, што имплицира дека има простор за раст, но не на сметка на ефикасноста

 

Три европски држави по Нова година ја зголемуваат минималната плата. Владата на Германија веќе ја одобри минималната плата за работен час: во две етапи, да порасне на 14,60 евра. Минималната плата во Албанија ќе се зголеми на 50.000 албански леки (515 евра), а во Косово, најниската плата два пати ќе оди нагоре, и тоа од 1 јануари ќе изнесува 425 евра, а од 1 јули 2026 година ќе достигне 500 евра месечно.

По 10 години откако е воведена минималната плата, во Германија, по Нова година ќе порасне за 13,9 %. Во 2015 година изнесуваше 8,5 евра бруто за час и оттогаш е зголемена за десет пати. Сегашната законска минимална часовна плата од 12,82 евра треба да се зголеми во два чекора. Во јануари треба да се зголеми на 13,90 евра за час, а во 2027 година е планирано понатамошно зголемување на 14,60 евра. Според Сојузниот завод за статистика, до 6,6 милиони луѓе би можеле да имаат корист од повисоката минимална плата наредната година, особено многу жени и вработени во источна Германија. Оние што работат со полно работно време за минимална плата за работен час треба да заработуваат околу 190 евра бруто повеќе месечно од јануари.

Во своето образложение за декретот, Владата проценува дека работодавците би можеле да се соочат со дополнителни трошоци за плати во износ од околу 2,2 милијарди евра во наредната година и околу 3,4 милијарди евра една година подоцна, поради овој потег.

– Во случај на целосно пренесување на зголемувањето на платите, цените на одредени стоки и услуги би можеле умерено да се зголемат. Меѓутоа, не се очекува значително влијаније врз целокупното економско ниво на цените, особено врз нивото на потрошувачките цени – соопштија од германската Влада.

Министерката за економија и иновации на Албанија, Делина Ибрахимај, деновиве најави дека, по Нова година, минималната плата во Албанија ќе се зголеми на 50.000 албански леки (515 евра), односно 3 евра за работен час. Според податоците на „Евростат“, моменталната минимална плата во Албанија е 40.000 албански леки (412 евра). Министерката Ибрахимај најави дека среднорочната цел на земјата е просечната плата да достигне 1.000 евра во следните четири години.

Привремената влада на Косово го усвои предлогот на Министерството за финансии за зголемување на минималната месечна плата на 500 евра. Според донесеното решение, сегашната минимална плата од 350 евра ќе се зголеми во две фази: од 1 јануари 2026 година ќе изнесува 425 евра, а од 1 јули таа година ќе достигне 500 евра месечно.

– По анализите што ги спроведовме за влијанието на оваа мерка врз приватниот сектор, врз претпријатијата и врз работниците, имајќи предвид дека се засегнати околу 150.000 вработени од оваа промена и по консултациите со синдикатите и со стопанските здруженија, предлагаме минималната плата да изнесува 500 евра, односно околу 3 евра за работен час – изјави вршителот на должност министер за финансии на Косово, Хекуран Мурати.

Во Македонија, во март годинава беше направена корекција на минималната плата и таа сега изнесува 24.379 денари (минималната бруто-плата е 36.037 денари).

Претворено во минимална плата од час, изнесува 146 денари (2,4 евра). Од Сојузот на синдикати на Македонија на Економско-социјалниот совет дадоа предлог за минимална плата од 500 евра, но Владата и работодавците не го прифатија. Според премиерот Христијан Мицкоски, платите во јавниот сектор растат, а во приватниот треба да се зголеми продуктивноста на работниците за да се стигне до таа сума.

Истражувањето на Центарот за економски анализи – ЗМАИ и на Виенскиот институт покажа дека македонските работници се попродуктивни отколку што се платени. Според истражувањето, платите кај нас се околу една третина од  просекот на ЕУ, додека продуктивноста е над 50 % од онаа во Унијата, што имплицира дека има простор за раст, но не на сметка на ефикасноста.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ