Саат-кулата во Тетово ќе се реконструира

41

Општина Тетово ќе ја реконструира Саат-кулата во градот благодарение на донацијата од турската општина Коња. За таа цел, директорот на Националниот конзерваторски центар, Александар Јорданоски, и градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, потпишаа меморандум за соработка.

Реконструкцијата на Саат-кулата во Тетово треба да започне во 2026 година. Станува збор за проект што се најавува со децении, но никогаш досега не беше реализиран. Донацискиот грант од Општина Коња во Турција е во вредност од околу 200 илјади евра, но засега нема прецизен рок за завршување на градбата.

– Знаете дека претходно имало неколку обиди за реализација на овој проект, биле обезбедувани и финансиски средства, но без успех – изјави Касами.

Националниот конзерваторски центар веќе ги подготвува сите неопходни активности – од валоризација на културното наследство и проверка на досегашните документи, до целосна ревизија на проектната документација.

– Кон крајот на 2005 и почетокот на 2006 година започнаа археолошките истражувања, што е потребна законска постапка кога треба да започне реализација на ваков тип проект. Во 2016 година беше изработен проектот, беа дадени одредени забелешки и таму застана постапката – информираше Јорданоски.

ИЗДВОЕНИ