Членовите на „Нокаут“ со голем концерт ќе прослават 30 години од кариерата. Со почеток од 21.00 часот, па сè додека публиката не ги пушти да си заминат од сцената. Секогаш добро расположениот Пере и неговата дружина ќе ги распаметат фановите со својата „временска машина“!
На 9 мај, во С. Ц. „Јане Сандански“, мегапопуларниот рок-состав „Нокаут“ со голем концерт ќе прослави 30 години од кариерата. Со почеток од 21.00 часот, па сè додека публиката не ги пушти да си заминат од сцената.
Секогаш добро расположениот Пере и неговата дружина ќе ја распаметат публиката со својата „временска машина“ низ историјата на нивното успешно постоење. И тоа преку концертна изведба на нивните најголеми хитови… „Еј би си“, „Временска машина“, „Би се викал те сакам“, „Телефонскиот број не постои“, „Хајфај“, „Мене ми припаѓаш“, „Сонувам диско“, „Илјада причини за крај“, „Позитиво“, „Да си тука вечерва“, „Кога ме сакаш ти“, „Лебедот бел“, „Знаеш каде да ме најдеш“… Секако дека ќе се потсетиме, со многу емоции, и на прерано починатиот член на групата, легендарниот Ацо Конга.
Бендот најавува фантастично аудиовизуелно шоу, збогатено со специјални ефекти. До максимум! Фасцинантната овална сцена, концертен ринг кој ќе биде сместен во самиот центар, во средината на салата. Ќе има моќно озвучување кое создава звучна магија, лајтшоу и светлосни ефекти кои приредуваат волшепство од бои. Со голем лед екран сместен на плафонот од сцената. Така што, прв пат С. Ц. „Јане Сандански“ ќе биде претворена во вистинска музичка арена. „Нокаут“ приредува концерт насловен како „360 степени“, на кој сите ќе можат подеднакво да уживаат, со ист поглед од сите трибини. Тоа што за многумина е само желба и фатална опсесија, за „Нокаут“ е возможно. Тие се подготвени да ви ја претворат вечерта во незаборавна претстава.
Нивниот концертен јубилеј ќе го збогатат и гостите на бендот, добропознатите Игор Џамбазов, Дарко Гелев Брејк, „Дупер“, Дарко Димитров, Дамјан Пејчиновски и уште многу други кои, засега, остануваат да бидат музички изненадувања. (Д. М.)












