Велат Нова година без честитка е речиси исто како елка без украси. Испраќањето честитки за новогодишните празници е традиција што како полека да изумира. Новите технологии донесоа графички рафинирани е-пораки и СМС-пораки, најчесто во стихови, чија содржина на шаблонот се испраќа до голем број луѓе истовремено со еден допир на екранот на компјутерот или на телефонот.
Ние, малку постарите, кои со копнеж се сеќаваат на времето на хартиените новогодишни честитки, кога неколку дена пред Нова година се ѕиркаше во поштенското сандаче, во очекување да се здогледа шарена новогодишна честитка, веруваме дека испраќањето новогодишни честитки сè уште е живо.
Затоа сакав овие денови да проверам дали и колку денес се испраќаат новогодишни честитки. Мислам на оние вистинските, стари добри честитки без кои до неодамна не можеше да се замисли Нова година.
Новогодишните и божиќните честитки беа начин да изразиме топли чувства и добри желби за семејството, соучениците, пријателите и за колегите. Тие служеа како средство за поврзување со оние што ни беа важни, особено ако не бевме во можност да го поминеме времето со нив во текот на празниците.
Ние, малку постарите, со копнеж се сеќаваме на времето на хартиените новогодишни честитки. Ги помнам дрвените тезги наредени една до друга, кои беа полни со шарени новогодишни украси и честитки. Денес, сè поретки се тие тезги на кои има релативно скромен избор на новогодишни честитки. Луѓето некако се оддалечија од овој убав обичај, бидејќи им е полесно да ја запаметат и-мејл адресата отколку вашата домашна, па треба да купат марки, па да чекаат ред во пошта. Го разбирам сето тоа, но, сепак, мислам дека ништо не може да го замени она чувство што го имаа повозрасните генерации, како деца особено, кога, во деновите пред Нова година, поштарот ни носеше по некоја честитка од соучениците, роднините, пријателите, соседите. Веднаш си наоѓаа посебно место под елката. Денес, тоа речиси и го нема, но и да го има, го има во многу мала мера. Можеби, тоа е само уште еден показател за отуѓувањето меѓу луѓето. Но, сепак, се радувам што сè уште се пишуваат новогодишни честитки.
Шетајќи пред некој ден по гевгелиското шеталиште, се изненадив кога здогледав, пред Народниот театар, тезга зад која беше седната една симпатична бабичка. Уште повеќе се изненадив кога меѓу сите оние шарени ленти, лампиони, свеќички за китење на елката во ќошот здогледав три-четири реда со новогодишни, се разбира, хартиени, новогодишни честитки. Од нив ме гледаа и Дедо Мраз, и Снешко, и деца што, насмеани, се возат со санки. И веднаш ми стана топло околу срцето. Ја прашав бабичката дали сè уште се купуваат честитки.
– Да, најмногу купуваат помладите ученици, кои им испраќаат честитки на своите учителки за Нова година, како и на своите најдобри другарчиња. А, ќе се најде и понекој возрасен, како тебе – ми се насмевна таа со широка насмевка.
И тогаш сфатив дека сè уште има шанси, не само за нас, повозрасните романтичари, туку и за дел од новите млади од таканаречената З-генерација. Да, сè уште не „умреле“ новогодишните честитки, има луѓе што ги купуваат, ги пишуваат на рака и ги испраќаат по пошта.
На времето, и јас пишував многу новогодишни честитки. Паметам, освен чекањето татко ми да донесе од градскиот плоштад вистинска, а не пластична елка, највозбудлив момент за нас, децата, беше пишувањето новогодишни честитки. Со молив или со пенкало, сеедно. Јас пишував со молив, бидејќи, нели, моливот пишува со срце, како што велеше еден познат поет. Им пишувавме на нашите другарчиња од одделението, на родителите и на сите роднини по ред, и од мајчина и од таткова страна. И ниту една не беше иста, колку и да изгледаше така. Можеби, сликата – да, но секоја буква и секој збор беа различни по форма и по големина, напишани со трепетлив ракопис, несмасно, но трпеливо, со љубов и со почит. И тоа ги правеше особени.
Листите со најблиските на кои им испраќавме, како на семејство, добри желби ги правевме јас и моите домашни, уште на почетокот од декември. Потоа весело ќе го носевме тоа, не мало купче од 20 до 30 честитки, до поштенските сандачиња, кои беа на секој агол, и ги испраќавме. А, потоа, неколку дена пред Нова година, со копнеж ѕиркавме во поштенските сандачиња, очекувајќи да добиеме шарени, новогодишни честитки. Сегашните генерации не може да ја замислат онаа радост кога ја добивавме првата честитка! Весело си ги покажувавме еден на друг, гледавме кој каква честитка добил, споредувавме и долго ги паметевме текстовите со добри желби.
Но, потоа, дојдоа мобилните телефони, компјутерите, Интернетот и социјалните мрежи, и честитките како да се преселија во историјата.. Поштенското сандаче сега е заменето со електронско, класичната пошта со електронска, со фејсбук-пораки, СМС-честитки… Веќе ги нема преполните торби на поштарите со новогодишни честитки што одвај успеваа да стигнат да ги поделат и да израдуваат многу деца, но и возрасни.
Во старите, пожолтени примероци на весникот ВЕЧЕР неодамна прочитав а дека поштите и поштарите порано, пред секоја Нова година, биле како во вонредна состојба за да успеат да ги разнесат купиштата новогодишни честитки што се испраќале секој ден.
Постарите поштари добро се сеќаваат на убавите години за новогодишните честитки. Некогаш, во предновогодишните шпицови, еден поштар разнесувал и по повеќе од 1.000 честитки дневно. Речиси немало адреса, куќа, стан, семејство што секој ден не примало честитка. Некои добивале и по дваесет. Поштарите работеле од зори до самрак за да ги распределат сите честитки во своите реони.
Затоа, купете, како мене сега, пред новогодишните и божиќните празници, неколку честитки и честитајте им ја новата 2026 година на вашите најмили, на еден посебен, ретро начин. Ќе ви биде топло на душичката, верувајте. Може да посакате желба на пријател што го „брка“ долгогодишниот сон или на близок што минува низ предизвикувачки период во животот. Едноставната персонализирана порака може да го претвори минливиот момент во трајно сеќавање, поставувајќи позитивен тон за претстојната година.
А јас, еве вака, на овој „старински“ начин, ќе испратам честитка до сите вработени во Редакцијата на ВЕЧЕР.
Драг ВЕЧЕР,
Помина и оваа 2025 година, исполнета со многу убави спомени. Им благодарам на целата Редакција и на главната уредничка за поддршката и посакувам уште многу години заедничка соработка, на наше задоволство и на задоволство на нашите читатели. Нека наредната 2026 година на сите ни донесе добро здравје, среќа, мир во душите и многу љубов, со која ќе ги совладуваме сите наредни предизвици.
Ќе видите, ќе биде оваа 2026 убава и важна година. Ќе биде голема – од јануари до декември. Некој ќе се вљуби првпат. Нови мајки ќе носат нови деца во рацете. А, кога ќе се сретнеме повторно, на 31 декември 2026 година, здравје, нема да се препознаеме, затоа што сите ќе бидеме поголеми, поубави и попаметни.
Среќни новогодишни и божикни празници ви посакува
вашиот дописник од Гевгелија,
Љубчо АЛЕКСОВСКИ












