четврток, февруари 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Сѐ уште не пристигнале пријавите за нов државен јавен обвинител до СЈО

Сѐ уште не пристигнале пријавите за нов државен јавен обвинител до СЈО

48

До Советот на јавните обвинители сѐ уште не се доставени пријавите од кандидатите кои конкурирале на огласот за избор на нов државен јавен обвинител. Претседателот на Советот, Башким Бесими, изјави дека Советот ќе постапи веднаш штом документацијата формално пристигне, во законски предвидениот рок.

„До овој момент пријавите сѐ уште не се доставени. Кога ќе пристигнат, Советот во рок од 15 дена ќе даде мислење за кандидатите“, изјави Бесими.

Тој посочи дека иако во јавноста веќе се споменуваат имињата на кандидатите, Советот нема формално да објавува информации додека не ја добие целосната документација. По разгледувањето на пријавите, Советот ќе одлучува на седница и ќе ја извести Владата во законскиот рок.

Иако официјална потврда сѐ уште нема, според јавни информации и потврди од дел од пријавените, за функцијата државен јавен обвинител конкурирале актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски и обвинителката од скопското Обвинителство Лидија Раичевиќ.

Советот има рок од 15 дена да достави мислење за секој од кандидатите, по што Владата треба да утврди предлог и да го достави до Собранието. За избор на нов државен јавен обвинител потребно е мнозинство од 61 пратеник.

Согласно Законот за јавното обвинителство, доколку Советот не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата нема да може да предложи избор, по што ќе мора да се распише нов оглас.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител се води по оставката на Љупчо Коцевски, поднесена во декември минатата година. Функцијата в.д. државен јавен обвинител моментално ја извршува Анита Тополова-Исајловска, со законско ограничување од најмногу шест месеци, што го прави изборот на нов носител на функцијата временски неопходен.

ИЗДВОЕНИ