Неколку европски земји се подготвени да ги испратат своите војници во Украина за да помогнат во одржувањето на мирот и да реагираат во случај Русија да прекрши потенцијален мировен договор, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во интервју за германски „Билд“.
Иако имаше надеж за мир на почетокот на годината, конфликтите во Украина продолжуваат дури и за време на Божиќ. Руте истакнува дека е тешко да заврши војната поради руската страна и претседателот Владимир Путин.
– Причината е Путин. Тој е подготвен да жртвува 1,1 милион свои луѓе. Оваа година постигна многу мал напредок, минимални територијални придобивки, помалку од 1 процент од украинската територија во споредба со почетокот на годината. Затоа, според нашите процени, до 1,1 милион луѓе беа убиени или ранети на руска страна. Тоа е ужасно. Но, тоа е ситуацијата со која се соочуваме – вели Руте за „Билд“.
За распоредувањето на силите на НАТО како поддршка на Украина вели дека не е дискутирано јавно, но потврдува дека неколку земји веќе изразиле подготвеност да ги испратат своите војници. Понатаму во интервјуто, тој објаснува дека Алијансата, во моментов, работи на структурирање на таканаречената „Коалиција на волните“, што вклучува дефинирање на природата на распоредувањето на копнените, морските и воздушните сили. Сите тие елементи во моментов се координираат, појаснува тој.
Минатата недела, лидерите на земјите учеснички во „Коалицијата на волните“ официјално ја изразија својата подготвеност за распоредување сили за поддршка во Украина како дел од безбедносните гаранции по завршувањето на војната. На пример, британскиот премиер Кир Стармер рече дека планот за повоено распоредување на мировни сили во Украина е веќе подготвен. По него и португалскиот премиер Луис Монтенегро, исто така, изјави дека Португалија не ја исклучува можноста за распоредување трупи во Украина како дел од мировниот контингент, но нагласи дека таков потег би бил можен само по завршувањето на војната.












