EPA/FABIO FRUSTACI

Руската тенисерка Анастасија Потапова е последната во низата што одлучи да го промени државјанството. До името на Анастасија Потапова, од први јануари наредната година, наместо знамето на Русија, ќе стои знамето на Австрија.

– Австрија е земја што ја сакам, каде што сум топло пречекана и се чувствувам како дома. Навистина уживам во Виена и со нетрпение очекувам да го направам овој град мој втор дом. Како дел од тоа, со гордост објавувам дека од 2026 година ќе ја претставувам мојата нова татковина – напиша таа на своите профили на социјалните мрежи.

Таа е само една од големиот број руски тенисерки што го променија државјанството во последните неколку години. Минатата недела, Камила Рахимова ѝ се приклучи на репрезентацијата на Узбекистан. Во последниве години, и други руски тенисерки го променија државјанството, вклучувајќи ја Дарија Касаткина, која сега игра за Австралија, и Варвара Грачева, која ја претставува Франција. Претходно, Јелена Рибакина зеде државјанство на Казахстан, Марија Тимофеева на Узбекистан, Ксенија Јефремова на Франција…

Критика од легендата на рускиот тенис

Одлуката на Анастасија Потапова да го промени државјанството беше критикувана од поранешниот најдобар руски тенисер, Евгениј Кафелников.

– Промената на државјанството на Анастасија Потапова и на Камила Рахимова апсолутно не е загуба за рускиот тенис. Да, Потапова е рангирана повисоко на ранг-листата на ВТА, но сигурен сум дека ако ве прашам сега, нема да се сетите на нејзините неодамнешни резултати. Затоа, не се случи никаква трагедија. Потапова е рангирана на 51. место во светот, но таа не е меѓу првите 10 тенисерки, а веќе има 24 години. Тоа е нејзиниот врв во женскиот тенис. Значи, јасно е дека нема да постигнат некаков значаен напредок. Доколку си заминеа 17-годишни или 18-годишни девојки, тоа ќе беше штета. Треба да ги прашаме самите спортисти зошто се согласиле за овој потег. Секоја си има свои причини и мотиви. Не разбирам. Не мислам дека има смисла да се зборува за тренд. Да, Дарија Касаткина, исто така, почна да се натпреварува под австралиското знаме оваа година, но од сосема различни причини. Тоа дури и не вреди да се спомене – објасни Евгениј Кафелников.

Се омажи и се разведе

Анастасија Потапова (24) имаше најдобро рангирање во кариерата во 2020 година, кога беше 40. во светот. Оваа година заврши на 51. позиција на ВТА-листата. Освои само три титули. Беше во брак со рускиот тенисер Александар Шевченко, но се разведоа по една година. Неколку месеци таа е во врска со Холанѓанецот Талон Грикспор.

Убавицата играше во двојки со Србинката Олга Даниловиќ. Поради атрактивниот изглед и провокативните фотографии што ги споделува на социјалните мрежи, на „Инстаграм“ ја следат повеќе од 270.000 луѓе. Како јуниорка, таа беше број еден во светот, а го освои и Вимблдон.

ИЗДВОЕНИ