Рускиот „Орешник“ ќе биде ставен во борбена готовност во Белорусија во декември

47
EPA/EVGENIA NOVOZHENINA / POOL

Рускиот ракетен систем „Орешник“ ќе биде ставен во борбена готовност во Белорусија во декември оваа година, изјави портпаролката на белорускиот претседател Александар Лукашенко, Наталија Ејсмонт.

„Создавањето услови за распоредување на „Орешник“ во Република Белорусија е во завршна фаза. Во декември оваа година тој ќе биде ставен во борбена готовност, така што сите дискусии за тоа дали „Орешник“ ќе биде распореден или не, се завршени“, рече Ејсмонт, објави каналот „Телеграм Пул фрст“, пренесува Интерфакс.

Лукашенко вчера изјави дека плановите за распоредување на рускиот ракетен систем „Орешник“ во Белорусија не претставуваат чин на агресија, туку обид да се обезбеди безбедноста на државата како одговор на ескалацијата на ситуацијата во регионот.

„Неколку европски земји веќе ја објавија својата намера да распоредат ракетни системи со среден дострел на нивна територија. Па како можат тогаш нас да нè обвинат? Ова е едно од најопасните оружја. Во случај на грешка или провокација, нема да има време за објаснувања. Затоа, распоредувањето на ова оружје во Белорусија не е ништо повеќе од одговор на ескалацијата на ситуацијата во регионот и современите закани“, рече Лукашенко на Третата меѓународна конференција за евроазиска безбедност.

Лукашенко рече дека Белорусија не се заканува на никого, туку само ја обезбедува сопствената безбедност.

„Покрај тоа, ние секогаш сме отворени за конструктивен дијалог и заемни чекори за намалување на тензиите. Ако нашите партнери на Запад се подготвени за ова, ниту ние ниту Русија нема да останеме во долгови. Но, засега, впечатокот е дека на Европа не ѝ е потребен мир“, рече белорускиот претседател.

ИЗДВОЕНИ