Руски суд му изрече казна од шест години затвор на критичар на Путин

28
Суд во Русија осуди провоен активист и критичар на претседателот Владимир Путин за величење на тероризмот и му изрече казна од шест години затвор.

Сергеј Удаљцов, водач на движењето „Лев фронт“, кој му се противи на Путин и е поврзан со Комунистичката партија, беше уапсен минатата гофина.

Според написите на руската независна новинска веб-страница „Медиазона“, обвинувањата против него произлегуваат од статија која Удаљцов ја објави на мрежата во знак на поддршка на друга група руски активисти обвинети за формирање терористичка организација.

Тие активисти се осудени во текот на месецот и им се изречени казни помеѓу 16 и 22 години затвор.

Удаљцов ги отфрли обвинувањата и ги оцени за измислени. Тој денеска ја оцени пресудата како „срамна“ и рече дека стапува во штрајк со глас, пренесе „Медиазона“.

Според судската пресуда, активистот ќе ја отслужува казната во казнена колонија со максимална безбедност.

Удаљцов беше истакната опозициска личност за време на масовните протести во Русија во 2011-12 година, предизвикани од извештаите за широко распространетото местење на локалните избори.

Тој во февруари 2012 година учествуваше на состанок кој тогашниот претседател Дмитриј Медведев го одржа со разни опозициски личности.

Руските власти го зајакнаа сузбивањето на несогласувањата  и слободата на говорот откако Кремљ ги испрати своите сили во Украина, целејќи на групи за човекови права, независни медиуми, членови на организаии од граѓанското општество, ЛГБТ+ активистите и некои верски групи.

Стотици луѓе се затворени, а илјадници избегаа од земјата.

Во декември 2023 година, московскиот суд го осуди Удаљцов на 40 часа општествено корисна работа поради прекршување на процедура во врска со организиран собир по што беше приведен на Црвениот плоштад, каде што се обидувал да развие знаме со лик на советскиот диктатор Јозеф Сталин, според руската државна новинска агенција ТАСС.

Удаљцов претходно беше затворен во 2014 година и беше осуден на четири и пол години затвор по обвинувања поврзани за неговата улога во организирање на демонстрации против Путин во 2012 година. Пуштен е на слобода во 2017 година.

ИЗДВОЕНИ