Роман Старовоит, кој денес беше разрешен од рускиот претседател Владимир Путин од функцијата министер за транспорт, изврши самоубиство, објави Рускиот истражен комитет.
„Роман Владимирович Старовоит беше пронајден мртов во својот автомобил со прострелна рана“, се вели во соопштението, додавајќи дека „главната теза“ за причината за неговата смрт е „самоубиство“.
Старовоит беше ненадејно разрешен денес, по наредба на Путин, соопшти Кремљ.
АП објави дека Кремљ не дал причина за разрешувањето на министерот за транспорт, но рекол дека стотици летови биле откажани или одложени на аеродромите во Москва и Санкт Петербург во текот на викендот, и дека имало прекини на други места поради нападите со украински беспилотни летала.
Според други медиуми, промената на шефот на Министерството за транспорт е најава за значително реструктуирање на тој сектор во Русија поради итни проблеми поради војната во Украина, првенствено во товарниот транспорт.
Руската новинска агенција ТАСС објави дека претходно денес Путин го назначил поранешниот гувернер на регионот Новгород, Андреј Никитин, за вршител на должноста министер за транспорт, ветувајќи му реформи во секторот.
Разрешувањето на Старовоит предизвика шпекулации за неговата поврзаност со корупциски скандали додека беше гувернер на Курската област.
Старовоит беше разрешен по нешто повеќе од една година на функцијата. Руски извори изјавија дека неговото разрешување било планирано пред Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург минатиот месец.