Русија нема да им дозволи на земјите од НАТО да воспостават зона на забранети летови над Украина, изјави заслужениот воен пилот на Руската Федерација, генерал-потполковник Владимир Попов, во интервју за рускиот „Инфо24“, пренесе Индекс.хр.
„Полска и другите земји-членки на НАТО немаат право еднострано да воспостават зона на забрането летање над територијата на Украина. Формално, тие можат да склучат некаков договор со Киев за помош на земјите-членки на НАТО, но според меѓународното право ова ќе се смета за саботажа. Тоа би било нелегална употреба на сила против Русија, што ние нема да го дозволиме“, нагласи Попов.
Рускиот генерал додаде и дека обидите на земјите од Алијансата да соборуваат руски беспилотни летала над украинското небо ќе доведат до одмазда на Москва. Според него, руските вооружени сили ќе почнат да уништуваат непријателски авиони на територијата на овие земји.
„Доколку Полска и другите земји-членки на НАТО еднострано прогласат зона на забранети летови над Украина, веднаш ќе почнеме со уништување на оружјето што ќе го користат. Во исто време, Русија ќе го уништи ова оружје и на нивните територии и на територијата на Украина. Покрај тоа, непријателските авиони над сопствените територии ќе бидат цел на нашите напади“, заклучи Попов.