Се очекува во наредните недели Министерството за здравство на Русија да одобри примена на персонализирана mRNA вакцина против онколошки болести, а министерот задолжен за меѓународна економска соработка и за областа на општествената положба на црквата во земјата и во странство, Ненад Поповиќ, денес изјави дека Србија, по Русија, би можела да стане првата земја каде што пациентите ќе ја примат оваа вакцина.
Вакцината против онколошки заболувања се развива со години во Русија и поминала низ сите фази на тестирање на животни каде, како што истакнува Поповиќ, е постигнат 100% успех.
Се очекува во наредните недели руското Министерство за здравство да одобри нејзина употреба кај пациенти.
Минатата недела, висока делегација на Руската Федерација беше во Србија, предводена од академици – директорот на Институтот „Гамалеја“, Александар Гинзбург, и главниот онколог на Русија и директор на најголемиот онколошки центар „Герзен“ Андреј Каприн.
Во делегацијата беа претставници на Министерството за здравство и Рускиот фонд за директни инвестиции, а на крајот од посетата беа примени од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Разговаравме за сите аспекти на идната соработка, вклучително и за можноста Србија да се вклучи во примената на оваа револуционерна вакцина“, изјави министерот задолжен за меѓународна економска соработка, Ненад Поповиќ.