Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денес објави дека е уапсен трет соучесник во обидот за атентат врз генерал-потполковник Владимир Алексеев.
„Федералната служба за безбедност на Руската Федерација го уапси третиот соучесник во заговорот за атентат врз генерал-потполковник Владимир Алексеев, прв заменик началник на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, рускиот државјанин Павел Васин“, објави Центарот за односи со јавноста (ЦОЈ) на Федералната служба за безбедност, пренесе „Танјуг“.
Според ФСБ, синот на второобвинетиот во случајот, Виктор Васин, е приведен. Тој призна, меѓу другото, дека други високи руски воени офицери биле потенцијални цели на оваа терористичка група, се вели во соопштението на ФСБ, објави Интерфакс.
„(Павел) Васин даде признанија, вклучително и оние што помогнаа да се идентификуваат уште двајца високи функционери на руското Министерство за одбрана, кои Љубомир Корба и Виктор Васин ги следеа во интерес на украинските специјални служби, со цел понатамошно извршување саботажи и терористички акти“, изјави Центарот за односи со јавноста.
Сторителот на атентатот врз рускиот воен разузнавачки генерал-полковник Владимир Алексеев, Љубомир Корба, претходно призна во видео објавено од Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) дека бил регрутиран од членови на Службата за безбедност на Украина (СБУ) во август 2025 година. ФСБ објави дека соучесникот на Корба, Виктор Васин, исто така, се изјасни за виновен.
Во соопштението се вели дека СБУ му ветила на Корба 30.000 долари во случај на успешен атентат врз генералот Алексеев, и дека тој поминал обука за стрелаштво на стрелиште во Киев, по што се инфилтрирал во Русија преку Кишињев и Тбилиси и го следел генералот во замена за месечна исплата во криптовалута. Корба изјавил за време на сослушувањето дека по атентатот добил инструкции да лета за Дубаи, од каде што требало да оди во Романија, а потоа во Киев.
Според истражителите, Љубомир Корба бил директен извршител на атентатот врз Алексеев. Корба бил приведен во Дубаи и екстрадиран во Русија, и е руски државјанин, соопшти Руската Федерална служба за безбедност во неделата.
Во соопштението се вели и дека Виктор Васин, соучесник во атентатот врз генералот Алексеев, бил лишен од слобода и приведен во Москва. Обидот за атентат врз генерал-потполковник Алексеев бил извршен на 6 февруари во станбена зграда во Москва. По обидот за атентат, генералот Алексеев бил хоспитализиран во тешка состојба, а потоа биле покренати истрага и кривична постапка за обид за убиство и нелегална трговија со огнено оружје.












