Русите за мировниот договор: „Го видовме, но не разговаравме за него, бара серизозна анализа“

1
EPA/MAXIM SHIPENKOV

Помошникот на рускиот претседфател Јуриј Ушаков денеска изјави дека најновиот мировен план на САД за Украина бара „сериозна анализа“ од страна на Москва и дека не е дискутиран од американските и руските претставници на состанокот во Абу Даби оваа недела.

Ушаков рече дека руските разузнавачки претставници се во главниот град на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за да се сретнат со украинските колеги и да разговараат за „многу чувствителни прашања“, вклучително и размена на затвореници.

Додека биле таму, тие се сретнале и со секретарот на американската армија, Ден Дрискол, изјави американски функционер за Ројтерс во вторникот.

Ушаков рече дека состанокот со американскиот функционер бил неочекуван и дека најновиот мировен план на САД не бил дискутиран. Тој не кажа што всушност разговарале.

„Не, за мировниот план не се дискутираше во Абу Даби. Овој мировен план сè уште не е детално дискутиран со никого“, изјави Ушаков за рускиот државен телевизиски новинар Павел Зарубин.

„Го видовме, доставен ни е, но сè уште немало дискусии“, додаде тој.

Ушаков додаде дека предлозите бараат „навистина сериозна анализа, сериозна дискусија“.

„Некои аспекти можат да се гледаат позитивно, но многу бараат специјализирана дискусија меѓу експертите“, рече тој.

Тој потврди дека специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, ќе пристигне во Москва следната недела.

Во меѓувреме, руското Министерство за надворешни работи во среда соопшти дека европските политичари и европските медиуми се обидуваат да ги поткопаат напорите на САД за постигнување мировен договор за Украина.

Европските медиуми и политичари се обидуваат да „ја нарушат можноста за политичко и дипломатско решавање“ на конфликтот во Украина, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, за Радио Спутник.

Според неа, европските политичари и европските медиуми постојано вршат „информативни напади“.

ИЗДВОЕНИ