Русите уапсиле готвачка: Работела за Украина и планирала да труе војници?

40
Фото: pexels

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави дека уапсила 45-годишна Русинка на Крим, главна готвачка во ресторан во Севастопол, под сомнение дека шпионирала за Украина и планирала труење на руски војници, објави „Киев пост“.

Неименуваната жена, која е во притвор, е обвинета дека работела за Главната дирекција за разузнавање на Украина (ГДУ) во последните две години. ФСБ тврди дека таа ги понудила своите услуги на украинската разузнавачка служба уште во септември 2023 година.

Таа наводно користела WhatsApp за да споделува информации со своите врски за локациите и рутите на рускиот воен персонал и опрема во Севастопол – поранешното главно пристаниште на руската Црноморска флота. ФСБ конкретно тврди дека фотографирала бродови на Црноморската флота стационирани во Севастополскиот залив, кои украинските вооружени сили подоцна ги користеле за планирање ракетни напади.

Таа e обвинета и за планирање труење на припадници на руските специјални сили кои често го посетувале ресторанот каде што работела.

Одделот на Кримската ФСБ соопшти дека жената е обвинета за „велепредавство“ според член 275 од Рускиот кривичен законик, додавајќи дека истрагата за нејзините „криминални активности“ е во тек. Во соопштението на ФСБ се вели дека ова е уште еден пример за тоа како „украинските специјални служби ја дестабилизираат социо-политичката ситуација и предизвикуваат економска штета на државата со активно регрутирање сторители на саботажи и терористички напади“.

ИЗДВОЕНИ