Русите со нова тактика јуришаат на  Донбас – Моторџии самоубијци на евтини кинески мотори ја пробиваат украинската одбрана и прават штети

215

Пред три месеци, мотоциклите првпат се појавија на делот од бојното поле околу Торецк. За неколку недели, нападите со мотоцикли станаа секојдневни, па помеѓу десет и дваесет возачи распоредени на ширина од околу 400 метри би нападнале в зори, пишува „Тајмс“. Според протечените документи добиени од украинскиот разузнавачки проект „Фронтелигенс инсајт“, руската армија планира да опреми повеќе од половина од својата пешадија со мотоцикли, квадрицикли и со баги

 

Русите јуришаат на Донбас со нова тактика. Како што пишува „Тајмс“, на евтини кинески мотори, тие возат низ степата со брзина од 80 километри на час, со цел да ја пробијат украинската одбрана и да предизвикаат конфузија зад непријателските линии.

Но, малкумина од нив се враќаат. Повеќето се елиминирани со беспилотните летала или од артилеријата. А оние што ќе успеат да стигнат до целта, остануваат заробени и опкружени од непријателот.

– Всушност, тоа се самоубиствени мисии. Затоа што никој не се враќа – вели Јевхен, поручник од Дваесет и осмата украинска бригада.

И покрај сè, овие јуриши на модерните коњаници се сè почести во руските тактики. Причина за нив се сè поприсутните беспилотни летала, кои предизвикуваат до 70 проценти од сите загуби.

Доаѓањето на летото донесе уште пожестоки офанзиви. Руските сили сега извршуваат повеќе од 200 напади по фронтовската линија дневно, над двојно повеќе од бројот во април. Околу две петтини од овие напади се случуваат околу Покровск, кое е едно од последните украински упоришта во Донбас, и блискиот Торецк, градови што со години беа пречка за планот на Русија да го освои целиот регион. Пред три месеци, мотоциклите првпат се појавија на делот од бојното поле околу Торецк, каде што Јевхен и неговата бригада држат позиции од ноември 2022 година. За неколку недели, нападите со мотоцикли станаа секојдневни, па помеѓу десет и дваесет возачи распоредени на ширина од околу 400 метри би нападнале в зори, пишува „Тајмс“.

– Поради нивната брзина и распореденоста, тие се тешки за пресретнување. Операторите на беспилотни летала треба да имаат исклучителна вештина за да ги следат. Но, областа на ничија земја тука е толку широка што обично едвај една четвртина успева да помине. Оние што ќе успеат да поминат, обично напаѓаат украински екипи на беспилотни летала и минофрлачи, кои се помалку добро вооружени од пешадијата, и се обидуваат да направат што е можно поголема штета пред да бидат убиени или заробени, вели Јевхен.

Тој појаснува дека тоа не е залудна смрт, зашто колку што повеќе се повторува тоа толку повеќе украинската одбрана се исцрпува, бидејќи троши многу време и ресурси ловејќи ги оние што успеале да поминат. Тоа им помага на Русите да освојат повеќе територија.

Русите почнаа да ги користат моторите минатата година, прво спонтано во единици што претрпеа големи загуби во класичните јуриши, каде што бавните пешадиски колони беа лесна цел. Тактиката брзо се прошири и сега е формално вклучена во воените напади, при што некои единици добиваат специјална обука за возење. Во април, руското Министерство за одбрана објави видео од падобранец што трча по мотокрос патека со пушка на грбот додека експлодираат бомби околу него. Според протечените документи добиени од украинскиот разузнавачки проект „Фронтелигенс инсајт“, руската армија планира да опреми повеќе од половина од својата пешадија со мотоцикли, квадрицикли и со баги.

И Украинците сè повеќе користат мотоцикли, но првенствено за транспорт на војници до бојното поле и назад. За разлика од лесните кинески теренски мотоцикли што ги користат Русите, Украинците често возат домашни електрични мотоцикли, кои се тивки и му дозволуваат на возачот да ги чуе беспилотните летала што се приближуваат. Сепак, моторите не се одговор на сеприсутните беспилотни летала, кои го направија бојното поле посмртоносно и ја проширија сивата зона меѓу двете армии. Дроновите сега ја следат непријателската територија и целат прецизно, правејќи ги линиите за снабдување постојано ранливи. Доставувањето персонал, муниција и храна на првата линија е сè потешко. Во Добропиљ, логистичкиот центар на Украина зад Покровск, патиштата се оградени со висока мрежа за заштита од напади со беспилотни летала. Денес таму постои сива зона – уништени области и села без живот, широка до 30 километри, особено околу Торецк. Позициите таму се флуидни, а војниците живеат во засолништа и во подруми на куќи. За да стигнат до сивата зона, војниците повеќе не одат во транспортери, туку одат километри низ полињата, со пушка в рака, за да соборат беспилотни летала. Снабдувањето сè повеќе се врши со „вампирски беспилотни летала“, кои носат до 10 килограми или со копнени беспилотни летала, кои може да носат до 400 килограми товар.

– Има беспилотни летала насекаде и секогаш сте во опасност. Сега секој пешадинец е обучен да биде невидлив, бидејќи тоа е единствениот начин да се преживее. Порано тоа беше само за специјалните сили длабоко на непријателска територија – вели за „Тајмс“ Хемичар, наредник на Шеесет и осмата бригада додека пие кафе во мала дрвена куќа во Добропиља што ја користи армијата.

Јевхен додава дека се прават обиди да се воведат некои правила, но вистината е дека оваа војна станува сè посурова и посмртоносна секоја година, па шансите за преживување се значително помали.

ИЗДВОЕНИ