Црногорската полиција во петокот изврши претрес во објекти на брегот, во градовите Будва и Бар, каде што престојувале неодамна уапсените руски државјани, 31-годишниот Александар Михајлович Круглјански и 42-годишната Александра Круглјанска.
Како што објави „Вијести“, кај двојката беа пронајдени околу еден милион евра и ИТ-опрема за која се сомнева дека им служела за шпионажа. Инаку, Русите беа уапсени на 23 септември на аеродромот во Тиват додека со 19 куфери се обидуваа да фатат лет за Тел Авив.
При тој претрес полицијата пронашла 26.210 евра и 1.150 израелски шекели, односно големо количество непријавена електронска опрема и лекови. Уапсените повеќепати престојувале во Црна Гора и овој пат имале туристички визи, сè додека не биле приведени под обвинение за шверц и перење пари.
Од предметите што предизвикаа сомнеж за шпионажа, се издвојуваат GPS-уред со микрофон и професионален детектор „BugHunter BH-04“ за откривање скриени микрофони и камери. Кај Русите полицијата пронашла и надзорни камери и придружна опрема, компјутерски компоненти, мемориски уреди и кабли.












