вторник, февруари 24, 2026
Дома СВЕТ Русија започна истрага против основачот на „Телеграм“ поради обвиненија за тероризам

Русија започна истрага против основачот на „Телеграм“ поради обвиненија за тероризам

10

Руските власти денес соопштија дека започнале истрага против основачот на Телеграм, Павел Дуров, во кривична постапка поврзана со обвиненија за тероризам, бидејќи Москва се обидува да ја блокира платформата за пораки, пренесе „Бета“:

„Дејствијата на водачот на „Телеграм“, Павел Дуров, се истражуваат во кривична постапка за кривично дело според Дел 1.1 од Член 205.1 (поддршка за терористички активности) од Рускиот кривичен законик“, објави државниот весник „Росијскаја газета“.

Весникот тврди дека „Телеграм“ станала алатка на НАТО и Украина, широко користена од радикали и терористи и претставува „закана за руското општество“.

Апликацијата постојано ги негира руските тврдења дека е засолниште за криминални активности и дека е компромитирана од западните и украинските разузнавачки служби.

Од нејзиното лансирање во 2013 година, „Телеграм“ стана еден од најважните извори на информации во Русија, вклучително и за војниците од двете страни на фронтовската линија во источна Украина.

Апликацијата ја користи Кремљ, како и блогерите и поддржувачите на рускиот претседател Владимир Путин.

„Телеграм“ е исто така алатка за групи во странство кои се спротивставуваат на рускиот претседател и за украинските функционери, вклучувајќи го и претседателот Володимир Зеленски.

Со месеци, Москва се обидува да ја заостри контролата врз „Телеграм“. Руските власти прво ги забавија гласовните и видео повиците, а потоа накратко ја блокираа апликацијата за некои корисници на почетокот на февруари.

Дуров неодамна го осуди потегот на Москва како „авторитарен“ и додаде дека Телеграм нема да го промени курсот.

„Телеграм“ ја брани слободата и приватноста, без оглед на притисокот што се врши врз него“, рече Дуров, 41-годишен милијардер роден во Санкт Петербург, родниот град на Владимир Путин, кој сега живее во Обединетите Арапски Емирати.

ИЗДВОЕНИ