Полскиот премиер Доналд Туск денес негира дека повикува на војна со Русија, за што го обвини унгарскиот премиер Виктор Орбан, бидејќи, како што рече, Русија веќе е во војна со Европа и „далеку пософистицирана од претходно“.
„Испраќањето мамки-дронови е исто така непријателски чин, чин на агресија. Војната што Русија ја води против нас е многу пософистицирана од претходно. Виктор Орбан вика дека Туск сака војна, но таа војна веќе е во тек“, рече Туск во интервју за полскиот весник „Газета Виборча“.
Тој предупреди дека руските напади во Европа ќе станат почести, како што се упади на беспилотни летала или авиони во воздушниот простор на европските земји, палежи, агресивни кибер напади или организирање на нелегална миграција на белоруската граница со Европската унија (ЕУ), кои, според него, се манифестации на војната што Русија веќе ја води во Полска.
„Бидејќи војната што Русија ја објави против Западот се одвива и во нашите општества, и тоа на најспектакуларен начин. Путин има алатки што можат да ја уништат ЕУ како организација, но и Европа како културен феномен. Тоа оружје се руските петти колони во секоја европска земја“, рече Туск.
Полскиот премиер додаде дека за неговата земја, пресвртница во хибридната војна на Русија беше упадот на повеќе од 20 руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор кон средината на септември.












