Русија во понеделник соопшти дека зазела уште две села во регионот Донецк во источна Украина, зголемувајќи го воениот притисок на теренот, бидејќи дипломатските напори за наоѓање решение за конфликтот се забрзуваат, пренесува „Бета“.
Руската војска вчера соопшти дека зазела уште три села во истиот регион.
Во соопштение преку Телеграм, руското Министерство за одбрана утрово соопшти дека ги зазело градовите Средњее и Клебан-Бик во регионот Донецк.
Заземањето на Клебан-Бик означува уште еден чекор кон градот Констјатиновка; важно упориште на патот кон Крематорск, кој пак е клучна точка за украинската логистика на фронтот Донецк.
Руската војска ги зголеми своите територијални придобивки во последните месеци против бројно помалите и слабо опремени украински војници.
Извештаите за руски напредувања на фронтовската линија доаѓаат во време кога изгледите за средба меѓу рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Володимир Зеленски, објавена од американскиот претседател Доналд Трамп и насочена кон постигнување мирно решение на конфликтот, се намалуваат.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера го обвини украинскиот претседател за блокирање на организацијата на средба со неговиот руски колега, еден ден откако украинскиот лидер упати слични критики кон Москва.
Трамп, кој сака брзо решавање на војната на Русија против Украина што започна во 2022 година, вчера изјави дека си дава две недели да одлучи за својот став во врска со конфликтот.