Воено-разузнавачката служба на Украина (УР) објави дека Русија го зголемува и зајакнува своето воено присуство во Ерменија.
ХУР објави, како што тврди, наредба од руската војска да го зголеми своето присуство во база во Ерменија, два дена откако Киев првпат предупреди за таков потег, што Ереван го негираше.
На 5 јули, украинската воена разузнавачка служба соопшти дека Москва ги зголемува своите сили во базата во Ѓумри со цел да изврши поголемо влијание во Јужен Кавказ и „да ја дестабилизира глобалната безбедносна ситуација“.
Министерството за надворешни работи на Ерменија го негираше тврдењето истиот ден.
Неколку дена подоцна, ХУР објави документ за кој тврди дека е „наредба од командантот на трупите на Јужниот воен округ на вооружените сили на Руската Федерација за „надополнување“ на руската воена база во Ерменија“.
„Телеграмата содржи голем број итни мерки за „надополнување“ на единиците на рускиот контингент со избор на персонал од редовите на војниците на 8-та, 18-та, 49-та и 58-та комбинирана армија на Јужниот воен округ на руските вооружени сили“, вели ХУР, пренесува „Еуроњуз“.
Објавениот документ им наложува на командантите да го олеснат процесот на селекција. Наведени се специфични критериуми за професионална соодветност, психолошка отпорност и борбена подготвеност. Наредбата конкретно забранува регрутирање лица вклучени во трговија со дрога или дистрибуција на психотропни супстанции.
Украинскиот ХУР тврди дека распоредувањето на руски војници во Ерменија е „дел од сеопфатната стратегија на Кремљ насочена кон дестабилизација на глобалната безбедност“.
„Покрај поттикнувањето на меѓуетничките конфликти, Москва го зајакнува своето воено присуство на Кавказ. Веројатно е дека влошувањето на односите меѓу Азербејџан и Русија е однапред подготвено“, наведуваат тие.
Ѓумри е втор по големина град во Ерменија со повеќе од 100.000 жители. Се наоѓа на околу 100 километри северозападно од главниот град Ереван и е стратешки позициониран на само 3,5 километри од границата со Турција, најблискиот сојузник на Азербејџан.
Ерменија и Русија ја воспоставија 102-та воена база таму во 1990-тите со идеја руските војници да ја штитат границата со Турција, но и дека би можеле брзо да бидат распоредени во регионот Карабах во случај на воена акција од страна на Азербејџан.
Тоа не се случи во 2023 година кога Баку ја врати целосната контрола врз Карабах по молскавична воена кампања.
Во 2024 година, во потег што постави преседан, Ерменија го замрзна учеството во Договорот за колективна безбедност (ОДББ) предводен од Кремљ, рускиот одговор на НАТО.
Премиерот Никол Пашинјан минатата година изјави дека „не гледа никаква предност“ во присуството на руски трупи во Ерменија, но базата во Ѓумри остана недопрена, бидејќи двете земји се согласија во 2010 година да го продолжат закупот на базата до 2044 година.
102-та воена база во Ѓумри е најголемиот руски воен објект во Јужен Кавказ. Во неа се сместени до 5.000 војници. Базата вклучува ловци МиГ-29 и системи за воздушна одбрана С-300.
Сепак, додека Ерменија сега се обидува да ги нормализира односите со Азербејџан и Турција, руската база сè повеќе се смета за нешто што повеќе не им служи на интересите на Ереван.
Ерменија дури се стреми да отвори заедничка граница со Турција, што би ги подобрило односите и би помогнало во ублажувањето на изолацијата на земјата.
Турција, близок сојузник на Азербејџан, го затвори граничниот премин во 1993 година како знак на солидарност со Баку околу конфликтот во Карабах во тоа време.
Со невидена ескалација меѓу Азербејџан и Русија, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ќе ги поддржи напорите на Ерменија за мир со Азербејџан.
Неодамнешните смртни случаи на двајца етнички Азербејџанци уапсени од руската полиција за убиства извршени пред неколку децении, како и падот на патничкиот авион на „Азербејџан ерлајнс“ во декември – за што Баку ја обвинува Москва – сериозно ги затегнаа односите.