Москва планира голем напад што ќе почне кон крајот на пролетта на исток, а подоцна и на југот на Украина, изјави Роман Похорилиј, коосновач на воената истражувачка група „Дип Стејт“, на безбедносна конференција во Киев. Во анализата на истражувачите за изгледите за успех на руската офанзива се наведува дека украинските сили веќе докажаа дека можат да ги сопрат Русите и веројатно е дека повторно ќе го сторат тоа.
Додека зимската офанзива на Русија носи тешки жртви за мали територијални добивки, аналитичарите предупредуваат дека генералите на претседателот Владимир Путин сè уште планираат да ја поразат Украина и да ѝ наметнат мировни услови. Според украинските и меѓународните воени набљудувачи, Русија собира војници и воена опрема за масовна офанзива што треба да почне до крајот на пролетта, пишува „Киев пост“.
– Москва создава стратешки резерви за голем напад што ќе започне кон крајот на пролетта на исток, а подоцна и на југот на Украина, изјави Роман Похорилиј, коосновач на воената истражувачка група „Дип Стејт“, на безбедносна конференција во Киев.
Тој рече дека главниот удар на офанзивата ќе биде насочен кон големите градови во регионот Донецк, Славјанск и Краматорск, со цел да се привлечат и уништат поголемиот дел од копнените единици на Вооружените сили на Украина (ОСУ).
– Помошниот напад, кој би следел на почетокот на летото, би бил насочен кон јужните области на Украина, со цели кон градовите Запорожје и Орихив, со цел да се одвлечат украинските сили од главното бојно поле на исток.
Вториот шеф на „Дип стејт“, Руслан Микула предупреди дека вкупниот број руски сили собрани за главниот удар би можел да брои повеќе од 100.000 луѓе.
Американскиот институт за проучување на војната даде слични предвидувања во својата анализа. Во неа се наведува дека руската воена команда има намера да ги искористи стратешките резерви, кои ги формира од средината на 2025 година, за голема пролетна офанзива на истокот на Украина. Според Институтот, планирањето на голема офанзива, потврдено со видливи движења на трупи и модели на регрутирање, е во остра спротивност со официјалните изјави на Кремљ дека Русија сака мир и нема намера да заземе повеќе украинска територија. Во анализата, исто така, се наведува дека намерата на Кремљ да ја победи Украина во офанзива што ќе донесе победа е веројатно нереална поради силата на одбранбените системи на Украина базирани на беспилотни летала и падот на регрутирањето во Русија.
Анализата на „Дип стејт“ за изгледите за успех на руската офанзива наведува дека украинските сили веќе докажаа дека можат да ги сопрат Русите и веројатно е дека повторно ќе го сторат тоа. Анализата ги повикува западните сојузници да ги разликуваат руските борбени способности, како што ги прикажуваат државните медиуми, од она што руските сили, всушност, можат да го постигнат на украинското бојно поле.
Генералот Дејвид Петреус, поранешен врховен командант на сојузничките сили во Авганистан и поранешен директор на ЦИА, во коментар за „Киев пост“ рече дека руските напади кон првата цел, Покровск, се веќе во тек и дека ОСУ го држи тој сектор со месеци. На прашањето дали одбраната на Украина ќе може да издржи помасовна пролетно-летна офанзива, Петреус одговори: „Тие ќе ги запрат Русите. Ќе издржат. Украинскиот народ е зад нив“.












