Русија се заканува дека целосно ќе ја блокира „Вацап“ – денеска ја забрани организацијата „Хјуман рајтс воч“

47

Русија денес ѝ забрани на организацијата „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) да работи во Русија, ставајќи ја на листата на „непожелни организации“.

Одлуката значи дека „Хјуман рајтс воч“ мора да престане да работи во Русија и дека нејзините соработници или симпатизери би можеле да се соочат со кривично гонење, пренесе „Бета“.

На листата на „непожелни организации“ во Русија се наоѓаат повеќе од 275 организации, вклучувајќи ги „Радио Слободна Европа“, тинк-тенкот „Чатам Хаус“, антикорупциската група „Транспаренси интернешенел“ и еколошката организација WWF.

Основана во 1978 година, „Хјуман рајтс воч“ ги следи и истражува злоупотребите на човековите права во земјите низ целиот свет.

Исто така, отворено се спротивстави на руската инвазија на Украина и неодамна објави истрага за тоа како руските сили користат беспилотни летала за намерно повредување и убивање цивили што живеат во регионот Херсон во Украина.

Рускиот државен регулатор за комуникации, исто така, се закани во понеделник дека целосно ќе ја блокира „ Ватсап“ ако не ги почитува руските закони, соопштија новинските агенции, објави „Ројтерс“.

Во август, Русија почна да ограничува некои повици на „Вацап“, во сопственост на „Мета платформс“ и „Телеграм“, обвинувајќи ги странските платформи дека одбиваат да споделат информации со органите за спроведување на законот во случаи на измама и тероризам.

Во петокот, надзорниот орган „Роскомнадзор“ повторно ја обвини „Ватсап“ дека не ги исполнува руските барања насочени кон спречување и борба против криминалот.

„Доколку услугата за пораки продолжи да не ги исполнува барањата на руското законодавство, таа ќе биде целосно блокирана“, го цитираше новинската агенција „!„Интерфакс“.

„Ватсап“ ја обвини Москва дека се обидува да им го одземе пристапот на милиони Руси до безбедни комуникации.

Руските власти промовираат алтернативна апликација поддржана од државата наречена MAX, за која критичарите велат дека може да се користи за следење на корисниците. Државните медиуми ги отфрлија обвинувањата како лажни.

ИЗДВОЕНИ