Русија: „Орешник“ беше одговор на украинскиот напад врз резиденцијата на Путин

42

Руското Министерство за одбрана во понеделник соопшти дека целта погодена од хиперсоничната ракета „Орешник“ минатата недела била украинска фабрика за поправка на авиони, која била онеспособена, пренесе „Хина“.

Украина и нејзините европски сојузници го осудија рускиот ракетен напад пред три дена, велејќи дека имал за цел да го заплаши Западот во една недела кога европските земји понудија војници за потенцијални повоени безбедносни сили во Украина.

Ова беше само втор пат Русија да употреби балистичка ракета со среден дострел во воено време. Украински функционер изјави за „Ројтерс“ дека ракетата, која е способна да испорача нуклеарно оружје, била вооружена со лажни боеви глави и оштетила работилница во државна компанија во Лвов, во близина на полската граница.

Руското Министерство за одбрана објави дека Државната фабрика за ремонт на воздухопловството во Лвов била онеспособена во тој напад. Во него, како што беше кажано, биле погодени производствени работилници и магацини.

„Оваа компанија вршеше поправки и одржување на воздухопловна опрема на украинските вооружени сили, вклучувајќи авиони Ф-16 и МиГ-29 увезени од западните земји. Компанијата, исто така, произведуваше беспилотни летала со долг и среден дострел што се користат за напади врз руски цивилни цели длабоко во руската територија“, објави министерството.

Русија денес објави дека ракетниот напад бил одговор на украинскиот напад врз една од резиденциите на претседателот Владимир Путин во северна Русија кон крајот на декември. Киев негираше дека извршил таков напад.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ