Русија очекува благ пад на извозот на нафта

10

Русија годинава очекува благ пад на извозот на нафта, но и потенцијален двоцифрен пад на приходите од извозот на нафта и на гас. Извозот на нафта во 2025 година ќе се намали за 2,08 проценти, на 240,1 милион тони, соопшти Министерството за економски развој во најновите прогнози.

Досега се очекуваше пад на обемот на извоз од околу 4,5 проценти и испорака од 229,7 милиони тони нафта.

Во 2026 година, извозот би требало да порасне на 241,7 милиони тони, во 2027 – на 243,9 милиони тони, а во 2028 – на 251,2 милиони тони, според основното сценарио во прогнозата за социоекономскиот развој на Русија за 2026 и планскиот период 2027– 2028 година.

Извозот на нафтени деривати, пак, годинава би требало да порасне за 2,8 проценти, на 125,9 милиони тони. Во 2026 година, обемот на извоз би требало да достигне 132 милиони тони, во 2027 – 134 милиони тони и да остане на тоа ниво и во 2028 година, соопшти Мминистерството, потврдувајќи ги априлските прогнози.

Министерството ја потврди и прогнозата за производство на нафта годинава од 516 милиони тони. Потврдени се и прогнозите за периодот 2026 – 2028 година, од 525,2 милиони тони, 532,6 милиони тони и 540 милиони тони.

Руските приходи од нафта и од гас, според основното сценарио, годинава би требало да се намалат за 12,5 проценти, на 206,1 милијарда долари, прогнозира Министерството.

Во следните три години би требало да пораснат – на 215,2 милијарди долари во 2026, на 227,5 милијарди долари во 2027 и на 251,2 милијарди долари во 2028 година.

Конзервативното сценарио, пак, ги зема предвид: засилениот притисок од санкциите на западните земји преку секундарни мерки, пред сè кон рускиот енергетски сектор; поизразениот дисбаланс во глобалната економија поради трговските војни и последователно, побавниот раст на глобалната побарувачка, како и зголемената понуда од земји надвор од групата ОПЕК+.

Во конзервативното сценарио, Министерството предвидува пад на приходите од нафта и од гас во 2026 година на 162 милијарди долари. Во 2027 година тие би изнесувале 172 милијарди долари, а во 2028 година – 185,8 милијарди долари.

ИЗДВОЕНИ