Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи, Каја Калас, денес изјави дека фактот што руската делегација на мировните преговори во Абу Даби е составена од воен персонал, кој според неа нема овластување да се согласи за ништо, значи дека Русија „дефинитивно не е сериозна“ во врска со постигнувањето мир.
„Тоа е токму спротивното. Тие ги бомбардираат Украинците, се обидуваат да ги натераат да се предадат со бомбардирање и замрзнување, и затоа разговараме и за енергетската поддршка што можеме да им ја обезбедиме, бидејќи е многу тешка зима и Украинците навистина страдаат. Таму се подготвува хуманитарна катастрофа“, рече Калас пред седницата на Советот за надворешни работи на Европската Унија.
Преговорите меѓу американската, руската и украинската делегација за постигнување мир во Украина се одржаа во Абу Даби минатиот викенд, кои беа затворени за медиумите, а нивното продолжување беше најавено од неколку извори во текот на оваа недела.












