Русија најнебезбедна земја во светот, Македонија на 51. место

51

Македонија е на 51. место од 163 земји во светот според нивото на безбедност, објави Институтот за економија и мир (IEP) во сеопфатната анализа во годишниот Глобален индекс на мирот. Извештајот се базира на 23 различни индикатори за да се создаде најточна слика за состојбата на мирот во светот. Меѓу клучните фактори земени предвид при креирањето на индексот се: бројот на смртни случаи предизвикани од внатрешни конфликти, фреквенцијата на насилни демонстрации, општата перцепција за криминалот во општеството и влијанието на тероризмот врз секојдневниот живот.

Според најновите податоци од Глобалниот индекс на мирот за 2025 година, Русија ја презеде титулата најнебезбедна земја во светот. Таа е веднаш зад Украина и Судан, земји, исто така, погодени од значителен конфликт и нестабилност.

Според Глобалниот индекс на мирот за 2025 година, нивото на глобалниот мир повторно падна – за 0,36 проценти во споредба со минатата година. Ова е 13. влошување во последните 17 години, а глобално, 87 земји станаа помалку мирни, додека 74 се подобрија.

Исланд останува најмирна земја во светот, пред Ирска, Австрија, Нов Зеланд и Швајцарија. Западна и Централна Европа останува најмирен регион во светот, но забележа намалување на мирот од 0,57 проценти во последната година. Главна причина за влошувањето во регионот, според извештајот, е зголемената милитаризација, односно растот на воените буџети и инвестициите во одбраната по почетокот на војната во Украина.

Во тој регион, Исланд останува најмирна земја во светот, додека Франција е на самото дно од европската ранг-листа поради зголемената политичка нестабилност и високото ниво на милитаризација.

Понатаму, извештајот предупредува на „интернационализација на конфликтите“ – дури 78 земји учествуваат во вооружени конфликти надвор од своите граници. Овој феномен е поврзан со растечкото геополитичко соперништво, зајакнувањето на средните сили и со падот на глобалната соработка.

ИЗДВОЕНИ