Русија ја презеде контролата врз едно од најголемите наоѓалишта на литиум во Европа, пишува француски „Фигаро“

69
Фото:википедија

Руските сили ја презедоа контролата врз област богата со литиум во близина на селото Шевченко во регионот Донецк во Украина, само три километри од границата со Дњепропетровск, пишува „Le Figaro“.

Ова е површина од околу 40 хектари што содржи едно од најперспективните наоѓалишта на литиум во Европа – ресурс кој сè повеќе се нарекува „бело злато“ поради неговата клучна улога во енергетиката и одбраната.

Навидум незабележливото и неважно село се наоѓа на околу десет километри од Великаја Новосилка, град што руските сили го зазедоа во јануари.

Вредноста на областа лежи токму во наоѓалиштето на литиум, бидејќи металот се користи во производството на батерии за електрични возила, електроника, стаклена керамика, легури за воздухопловната индустрија и системи за складирање на енергија.

Со оглед на тоа што глобалната побарувачка за овие технологии расте, литиумот станува сè поважен стратешки ресурс, објави „Defense Blog“.

Според „Le Figaro“, ова е уште еден потег на Русија за консолидирање на контролата врз минералното богатство на Украина во време кога големите сили се тркаат да обезбедат пристап до литиум за производство на батерии.

Цената на литиумот достигна врв од над 80.000 долари по тон во 2022 година. Денес, таа е околу 8.500 долари по тон во Кина – многу пати помалку, но сепак економски и стратешки значајна.

Со заземањето на оваа област, Русија не само што го проширува своето воено присуство во источна Украина, туку и добива пристап до вредни ресурси со долгорочен економски и индустриски потенцијал.

Наоѓалиштето Шевченко претходно беше во фокусот на странските инвеститори и украинските државни органи како дел од плановите за намалување на зависноста од увезени суровини.

Аналитичарите веруваат дека заземањето на наоѓалиштето на литиум може да биде дел од поширока руска стратегија за заземање на контролата врз патиштата на ресурсите и ослабување на способноста на Украина да ја финансира реконструкцијата на своите енергетски и индустриски сектори.

ИЗДВОЕНИ