Русија ја означи „Дојче Веле“ како „непожелна организација“

40

Канцеларијата на рускиот генерален обвинител ја класифицираше Дојче Веле (DW), медиумска куќа финансирана од германската влада, како „непожелна организација“, објавија руските медиуми. Класификацијата беше побарана од руската државна Дума во август.

„Дојче веле“ сега им се придружува на голем број други медиумски организации, невладини организации и фондации кои веќе се означени како „непожелни“, вклучувајќи ги „Радио Слободна Европа“, Белингкет, „Коректив“, „Репортери без граници (MSF)“ и „ТВ Дожд“, објави „Дојче веле“.

Според сегашниот руски закон, етикетирањето како „непожелна организација“ ја прави секоја соработка со таква организација кривично дело казниво со високи парични казни или дури и затвор.

Дури и споделувањето содржини од такви организации, вклучително и на социјалните медиуми, е казниво, се вели во соопштението.

Генералната директорка на „Дојче веле“, Барбара Масинг, рече дека потегот на руските власти е уште еден знак дека Кремљ сака да ја задуши целата слобода на изразување во земјата.

„Русија може да нè етикетира како непожелна организација, но тоа нема да нè обесхрабри“, рече таа во соопштението.

Масинг додаде дека овој последен обид за замолчување на слободните медиуми го демонстрира очигледното непочитување на слободата на печатот од страна на рускиот режим и го открива неговиот страв од сопствените граѓани, оние кои бараат информации, размислуваат критички и сакаат да учат.

Според неа, „Дојче веле“ ќе остане доследна во обезбедувањето новинарска содржина, дозволувајќи им на луѓето да формираат свои мислења.

„Дојче веле“ е етикетирана како „странски агент“ во Русија од март 2022 година, а пред тоа се соочи со забрана за емитување.

„Дојче веле на руски јазик“ достигна околу 10 милиони корисници неделно во 2025 година, главно преку видео содржина.

За да ја заобиколи цензурата од руските власти, „Дојче веле“ сè повеќе се потпира на дигитални платформи и нуди алатки за заобиколување на блокадите, како што се прелистувачот Tor, VPN пристапот и апликацијата DW, објави „Дојче Веле“.

Според Масингова, и покрај цензурата и блокирањето на услугата од страна на руската влада, услугата на „Дојче веле на руски јазик“ сега достигнува до повеќе луѓе од кога било досега, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ