Русија инсистира на ослободување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој беше заробен и префрлен од Венецуела во САД, изјави за руските медиуми заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Првиот чекор, без кој сè друго останува чисто хипотетички, е ослободувањето на Мадуро и неговата сопруга“, рече заменик-министерот, одговарајќи на прашањето дали Русија би била подготвена да му обезбеди засолниште на Мадуро доколку биде ослободен.
„Но, бидејќи ова (заробувањето на претседателот на суверена држава) веќе се случи, потребно е да се инсистира на ослободување на претседателот на Венецуела“, нагласи Рјабков.
Тој додаде дека посебно прашање е каков ќе биде идниот план на Русија.
„И едноставно нема причина да се зборува за тоа сега“, додаде Рјабков.
Во сабота, 3 јануари, околу 2 часот по локално време, САД го уапсија венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес во воена операција во Каракас, пренесува „Спутник“. Тие беа однесени во Њујорк, каде што ќе им се суди по „обвинение за трговија со дрога“.












