Според груби процени, руската и украинската страна имаат донекаде слични загуби. И сега, во целата приказна се поставува прашањето како е можно тоа, кога при размена на телата, руската страна испорача значително поголем број загинати украински војници, отколку украинската страна руски. Многу е тешко да се очекува објективност од страните во конфликтот кои сакаат, па дури и мораат, за да го одржат моралот, свесно да ги минимизираат своите загуби и да ги истакнат загубите на другата страна.
Руски хакери минатата недела открија податок дека во војната што трае повеќе од три и пол години украинската армија изгубила 1,7 милиони војници. До бројката дошле со пробивање на базата на податоци на украинската армија. Многу аналитичари се сомневаат во веродостојноста на овој податок со оглед на тоа што хакерите објавија малку информации и не ги дообјаснија податоците.
Процените на експертите што се занимаваат со загуби тврдат дека загинале помеѓу 160 и 200 илјади украински војници. Како што наведува „Индекс.хр“, на страницата за загуби на Украинската армија, која служи како основа за процена на загубите, се идентификувани речиси 160.000 убиени, исчезнати и заробени. Со груба апроксимација, базирана на сооднос 4 спрема 1 (ранети, исчезнати и други во сооднос со убиени), може да се добие бројка помеѓу 800.000 и 1.000.000 луѓе исфрлени од стројот, зашто биле убиени, ранети, заробени, исчезнати итн. Оваа бројка ги вклучува загубите во сите делови на украинската одбрана, како што се полицијата, граничниот персонал, националната гарда, персоналот на безбедносната служба – СБУ и странските платеници. Но, клучен недостаток на оваа процена е тоа што се базира исклучиво или речиси исклучиво на некролози и јавно достапни податоци, а на пример, не вклучува податоци од гробишта и други податоци што не се јавно достапни.
На руска страна, порталот „Медиазона“ изброја по име преку 120.000 мртви. Бидејќи списокот е исто така нецелосен, процената на порталот се искачува на 165.000 мртви. Тие загуби ги вклучуваат луѓето од руската војска, Националната гарда, персоналот на Федералната безбедносна служба – ФСБ и платениците и регрутираните затвореници на „Вагнер“. Во пресметката се вклучени и сили во Луганската и Доњецката република(ЛНР и ДНР), а според груба процена таму има пет до шест илјади загинати. Така се доаѓа до бројката од 170.000 мртви во руската армија, без севернокорејските војници кои ѝ се приклучија. Но со примена на истиот начин на процена на вкупните загуби како и за украинската армија (сооднос 4 спрема 1), грубо се доаѓа до бројка помеѓу 800 и 900 илјади вкупни загуби. Ова значи дека руската и украинската страна имаат донекаде слични загуби, пишува „Индекс.хр“. И сега, во целата приказна се поставува прашањето како е можно тоа, кога при размената на тела, руската страна испорача значително поголем број загинати украински војници, отколку украинската страна руски. Еден дел од објаснувањето лежи во фактот дека украинската армија во последните две години, главно, се бранеше и се повлекуваше. Руските сили напредуваат, па дури и кога напредокот не е значаен, влегуваат во области кои претходно беа „ничија земја“. Многу војници умираат на таа линија и никој не може да ги собере ниту телата на мртвите ниту ранетите. Поинаква перспектива понудија некои аналитичари кои тврдат дека украинските сили претрпеле поголеми загуби во последните две години отколку порано. Како прва причина се наведува тоа што руската армија има многу поголема артилериска моќ, многу повеќе ракети, што значи многу повеќе жртви од другата страна. Друга причина е промената во тактиката на руската армија. За пробивање на линијата веќе не се испраќаат цели единици, туку извиднички групи со по две до четири лица. Често се случува извидничката група да се најде во отворена смена со стациониран тим од осум до 10 луѓе од другата страна. Во тој случај, поверојатно е дека поголемите загуби ќе бидат на страната на оние што се побројни. И трето, и клучно, Киев продолжува да инсистира на распоредување дополнителни сили на позиции кои веќе се во опколување, полуопколување или други тешки околности. Со ова, Киев го забавува напредокот на руските сили, но плаќа со луѓе.
Без оглед на точноста на процените и анализите, вистинскиот број човечки загуби ќе се знае само во годините по војната, наведува порталот. Исто така, многу е тешко да се очекува објективност од страните во конфликтот кои сакаат, па дури и мораат, за да го одржат моралот, свесно да ги минимизираат своите загуби и да ги истакнат загубите на другата страна.