Русија го укинува мораториумот: Ракетите со среден и краток дострел „повторно во игра“

459
EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Русија заклучи дека условите за одржување на едностран мораториум за распоредување на копнени ракети со среден и краток дострел исчезнаа и повеќе не се смета за обврзана со претходно усвоените самоограничувања, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

„Чекорите на колективниот Запад, гледани заедно, водат кон формирање и акумулација на дестабилизирачки ракетен потенцијал во регионите што се граничат со Руската Федерација, создавајќи директна закана за безбедноста на оваа земја и од стратешка природа“, се вели во соопштението.

Москва објаснува дека условите за одржување на едностран мораториум исчезнаа, со оглед на тоа што нејзините повеќекратни предупредувања се игнорирани и ситуацијата се развива кон распоредување на американски копнени ракети со среден дострел во Европа и Азиско-пацифичкиот регион.

Во соопштението се наведува дека одлуките за одговор ќе ги донесе руското раководство врз основа на анализа на обемот на распоредување на американски и други западни копнени ракети со среден и краток дострел, како и општиот развој на ситуацијата во областа на меѓународната безбедност и стратешката стабилност, пренесува Срна.

Министерството наведува дека ваквиот развој на настаните носи сериозен негативен набој и значајни штетни последици за регионалната и глобалната стабилност, вклучително и опасна ескалација на тензиите меѓу нуклеарните сили.

ИЗДВОЕНИ