Русија ги проценува сигналите од САД за мировниот план, открива Ушаков

59
EPA/YURI KOCHETKOV / POOL

Русија ќе процени што може, а што не може да прифати од сигналите од Соединетите Американски Држави, кои ќе ги достави шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев по разговорите во Мајами за мировен предлог за Украина, изјави вчера помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков.

„Тој (Дмитриев) ќе врати некои сигнали што Американците ги добија од Европејците и Украинците. И ќе разговараме за сето ова тука и ќе видиме што може да биде прифатливо, а што апсолутно не може да биде“, изјави Ушаков за телевизијата „Русија 1“, пренесува РИА „Новости“.

Дмитриев, кој е и специјален претставник на рускиот претседател Владимир Путин за инвестиции и надворешна економска соработка, вчера пристигна во Мајами и директно од аеродромот отиде на разговори за мировниот план за Украина со претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, кои се одржаа во голф клуб.

Ушаков оцени дека предлозите што ги изнесоа Украина и Европската Унија за време на дискусијата за американскиот план за украинско решение во Мајами беа прилично неконструктивни.

„Па, да, она што беше предложено, ми се чини, е прилично неконструктивно“, рече Ушаков.

Според него, Русија ќе развие став за понатамошни контакти со САД во врска со Украина, откако Дмитриев ќе го информира Путин за преговорите во Мајами, и дека Москва ќе се држи до ставовите дискутирани во Алјаска и на други состаноци со претставници на САД.

„Ќе се држиме до она што го договоривме во Анкориџ и на другите состаноци со претставници на САД“, рече Ушаков.

ИЗДВОЕНИ