РУСИЈА ДОБИ НОВИ САНКЦИИ ОД ЕУ И БРИТАНИЈА: Ова не е моја војна, големи ега се вклучени, рече Трамп и најави повлекување од мировните преговори ако нема напредок

1357

На добар пат сме! Ова, како што пренесуваат медиумите е коментарот на рускиот претседател Владимир Путин по двочасовниот телефонски разговор со американскиот колега Доналд Трамп во понеделникот попладне, два дена по руско-украинските мировни преговори во Истанбул. Путин изјави и дека Русија е подготвена да соработува со Украина на изработка на меморандум за идниот мировен договор, кој вклучува и прекин на огнот.

-Се договоривме со претседателот на САД дека Русија ќе предложи и е подготвена да соработува со украинската страна на меморандум за можен иден мировен договор, кој ќе дефинира голем број позиции, на пример принципите на решавање, временската рамка за можен мировен договор, изјави Путин пред новинарите во близина на црноморското одморалиште Сочи.

Трамп рече дека Русија и Украина веднаш ќе почнат преговори за прекин на огнот, а како локација го предложи Ватикан, што беше прифатено од папата Лав. Но, според вчерашната изјава на гласноговорникот на Кремљ, Дмитриј Песков работите нема да одат така лесно и брзо.

-Нема рокови и не може да има. Јасно е дека сите сакаат да го направат ова што е можно побрзо, но секако ѓаволот е во деталите. И руската и украинската страна ќе ги изготват нацртите, тие нацрт-документи ќе бидат разменети, а потоа ќе следат сложени контакти со цел да се развие унифициран текст, го цитира Песков државната новинска агенција РИА.

Во понеделникот, освен со Путин, Трамп имаше телефонски разговори и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, со лидерите на Европската Унија, Франција, Италија, Германија и Финска. Подоцна тој предупреди дека САД би можеле целосно да се повлечат од учеството во обидите да се постигне мир доколку нема видлив напредок.

-Ова не е моја војна. Само се обидувам да помогнам. Ви кажувам, големи ега се вклучени, но мислам дека нешто ќе се случи. И ако не се случи, јас само ќе се повлечам и тие ќе треба да продолжат, им рече тој на новинарите во Овалната соба, а на прашањето дали има „црвена линија“ што би го натерала целосно да се повлече од процесот, одговори дека ја има во главата, но нема да ја објави.

По оваа негова изјава Си-ен-ен објави коментар во кој наведе дека сега мирот во Украина изгледа уште подалечен.

Техничките тимови кои ќе преговараат треба да бидат од највисоко ниво, а  Украина нема да прифати никакви услови кои бараат повлекување на нејзините сили од украинско тло, изјави Зеленски, откако со Трамп разговараше пред и по неговиот разговор со Путин. Украинскиот претседател како можни места за нови мировни преговори освен Ватикан, ги предлага повторно Истанбул, а и Женева или некој друг град во Швајцарија.

Европската унија вчера усвои нов, 17. Пакет-санкции против Русија насочени кон 200 бродови од таканаречената флота во сенка, хибридните закани и кршењата на човековите права, а најави дека подготвува и нови. И Велика Британија на Русија и воведе 100 нови санкции чија цел се воениот сектор, енергетиката и финансиските институции.

ИЗДВОЕНИ