
Актуелниот шампион на Англија, тимот на Ливерпул, доживеа шест порази на последните седум натпревари. Бранителот на тронот беше поразен и од Челзи со 2:1, по што следеа многу критики, а не го заобиколија ниту Мохамед Салах.
Киксот на „Стемфорд Бриџ“ беше повод за многу критичари, а меѓу нив е и легендарниот напаѓач Вејн Руни, кој напиша пост на социјалните мрежи во кој го посочи Мо Салах, кој всушност не е ни сенка на играчот од претходните сезони.
Репрезентативецот на Египет не успеа да постигне гол на пет од седум натпревари, не е заинтересиран за одбрана, а неговата себичност беше очигледна во неколку наврати.
Вејн Руни верува дека Египќанецот има сериозен проблем со егото откако клубот ги донесе Флоријан Вирц, Хуго Екитике и Александар Исак ова лето.
„Со доаѓањето на играчи како Исак, Екитике и Вирц и количината на пари што се потрошени за нивните трансфери, што мисли Салах сега? Како размислува? Сите врвни играчи имаат големо его, а Мохамед Салах е еден од најдобрите играчи во Премиер лигата долго време“, рече Руни, додавајќи:
„Мислам дека минатата недела покажа дека кога работите одат добро, кога постигнувате голови и победувате на натпревари, тогаш сè е одлично. Но, оваа недела, тоа покренува прашања за неговата работна етика.“
Поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед ја критикуваше лошата игра на Салах во одбраната.
„Знам дека не секогаш се враќа, не помага често во одбраната, но во натпреварот со Челзи, бековите на неговата страна беа распарчени, а тој само гледаше“, рече Руни.
Руни верува дека Вирџил ван Дајк и Алисон треба да седнат и да разговараат со Салах и да му објаснат дека треба повеќе да му помага на тимот.
Ливерпул има многу тежок натпревар по паузата за репрезентативни натпревари, бидејќи на 19 октомври ќе го пречека Манчестер Јунајтед, а три дена подоцна ќе патува кај Ајнтрахт Франкфурт во Лигата на шампионите. Ова ќе бидат два тешки теста за „црвените“, но тие исто така ќе треба да покажат дека сè уште имаат квалитет и дека ова е само минлива фаза.











