
Актуелниот шампион на Англија, тимот на Ливерпул, е во голема резултатска криза и голема е веројатноста дека „црвените“ ќе мора да се простат од трофејот на крајот од актуелната сезона.
Иако многумина го напаѓаат Арне Слот, легендите на англискиот фудбал со прст покажуваат кон Мохамед Салах. Тој е голема ѕвезда, му даде многу на Ливерпул, но јасно е дека оваа сезона не е ни приближно толку добар како порано.
Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни, верува дека Салах би морал да се пресели на клупата и дека тој во моментов му штети на тимот со своите слаби настапи и недостаток на посветеност.
„Да бев Слот, би се обидел да донесам важна одлука што барем би имала влијание врз остатокот од тимот. Салах не им помага во одбраната. Ако сте едно од неодамнешните засилувања и останете на клупата, гледајќи го како не трча, иако е легенда и направи многу за клубот, тогаш која е пораката за вас?“, рече Руни.
Поранешниот најдобар стрелец на „најсилната лига во светот“ верува дека трагедијата што му се случи на Диого Жота во летото има влијание и врз играчите, но не може да биде изговор дека тие не се подготвени да се борат на теренот.
„Веројатно треба да се погледне и ефектот од она што се случи со Жота, за жал. Тоа сигурно влијае на играчите кои беа негови соиграчи. Но, тоа не е изговор за нив да не се борат на теренот.“
„Слот има многу важна задача – да ги врати на победничката патека. Важно е кога имаат толку лоша серија на резултати, името на Клоп не смее постојано да се споменува. Нешто слично се случи во Манчестер Јунајтед со Сер Алекс Фергусон. На пример, кога дојдоа Дејвид Мојес и Луј ван Гал, името на Ферги секогаш се споменуваше. Истото е и сега со Слот. Мислам дека навивачите на Ливерпул треба да се откажат од тие споредби и едноставно да го поддржат Слот“, заклучи Руни.
Холандскиот стручњак ја освои Премиер лигата со Ливерпул во својата прва сезона, но оваа втора беше вистински кошмар. Тимот моментално е на 12-то место на табелата со 18 бода, зад градскиот ривал Евертон.
Од друга страна, Салах има само еден гол во Лигата на шампионите оваа сезона и четири во Премиер лигата, а неговата форма е под просекот.
Навивачите сè уште се надеваат дека тимот ќе се разбуди и дека барем ќе можат да стигнат до самиот крај во Лигата на шампионите.











