На вонредната седница на Македонската асоцијација за рударство (МАР) што се одржа на 29 мај, за нов претседател на Асоцијацијата беше избран Диме Петроски, дипломиран инженер геолог со повеќе од 23 години искуство во рударскиот и во геотехничкиот сектор.
Со богата професионална кариера што започнува уште во 1998 година, како теренски инженер, Петроски во својата кариера успешно има раководено со значајни проекти за истражување, развој и за стабилизација на инфраструктурни објекти, хидрогеолошки истраги и инженерскогеолошки работи. Неговото искуство опфаќа управување со сложени проекти за различни компании во Македонија и во регионот, значајни проекти за ЕСМ, ЕЛЕМ, „Штрабаг Австрија“, како и со проекти на британски, австралиски, американски и на турски компании.
Во моментов, Петроски ја извршува функцијата директор за продажба на Градежниот институт „Македонија“ АД Скопје, каде што со своите лидерство и стручност придонесува за развојот и за спроведувањето на бројни проекти во областа на рударството и на градежништвото.
Како нов претседател на МАР, тој има јасна визија за зајакнување на Асоцијацијата, унапредување на соработката со регулаторните институции, поддршка на иновациите и за промовирање на одржливото рударство во согласност со највисоките професионални и еколошки стандарди.
– Моја заложба е да ја вратам Македонската асоцијација за рударство на местото што ѝ припаѓа – како репрезентативен глас и столб на рударскиот сектор, кој е значаен двигател на економскиот развој на државата. Ќе се залагам за зајакнување на капацитетите на Асоцијацијата, унапредување на соработката со сите засегнати страни и за модернизација на секторот преку технолошки напредок и унапредени стандарди за одговорно работење. Воедно, моја цел е да обезбедам еднакви можности и активно учество за сите членки при донесувањето значајни одлуки, со што ќе придонесеме за стабилен и одговорен развој на рударскиот сектор во државата – изјави Петроски по изборот.