Глобалниот премин кон чиста енергија создаде невидена побарувачка за ретки земјени елементи и за критични минерали кои играат важна улога во зелената и во дигиталната транзиција и се витални компоненти во батериите на електричните возила, ветерните турбини, борбените авиони и водените ракети, а побарувачката е поттикната и од зголемените буџети за одбрана во ЕУ, САД и Кина, како и низ целиот свет

Експертите велат дека целиот свет е фокусиран на критичните минерали, како бакар, злато, антимон и како да се дојде до нив, затоа што се дефицитарни. Додека во високоразвиените земји на ЕУ се бара отворање на нови рудници, дури и во заштитени подрачја, со почитување на високите стандарди за заштита на околината, во неразвиени држави во Јужна Америка и во Азија се одвива беззаконската трка по ретки минерали, при што се уништуваат шумите и се загадуваат реките поттикнувајќи ја еколошката пропаст

 

Глобалниот премин кон чиста енергија создаде невидена побарувачка за ретки земјени елементи и критични минерали. Кинеските извозни ограничувања за критични ретки земни минерали, воведени во април како одмазда за американските царински тарифи, само ја интензивираа глобалната конкуренција за алтернативни извори на снабдување.

Според Директивите на ЕУ за критични суровини од 2024 година, се очекува вкупната побарувачка за критични суровини да се зголеми шесткратно до 2030 година и седумкратно до 2050 година. За некои материјали, проекциите се уште повисоки – на пример, се очекува побарувачката за литиумски батерии во ЕУ да се зголеми 12 пати до 2030 година и 21 пати до 2050 година. Овие суровини играат важна улога во зелената и во дигиталната транзиција и се витални компоненти во батериите на електричните возила, ветерните турбини, борбените авиони и водените ракети, а побарувачката е поттикната и од зголемените буџети за одбрана во ЕУ, САД и Кина, како и низ целиот свет.

Експертите велат дека целиот свет е фокусиран на критичните минерали, како бакар, злато, антимон и како да се дојде до нив, затоа што се дефицитарни. Тие велат дека поради зелените политики што западните земји ги фаворизираат во последните 10-15 години, во светот некаде се намалени, а некаде се и целосно прекинати истражувањата по потенцијални наоѓалишта на минерални суровини. Но, Европската Унија експлицитно нагласи дека Европа мора да влезе во нови инвестиции, во нови истражувања, во отворање нови рудници со почитување на високите стандарди за заштита на околината.

Во регионот забрзано се отвораат рудници

Одредени високоразвиени европски држави, членки на ЕУ, кон ова приоѓаат многу сериозно. Поради „монополот“ на Кина на пазарот на клучните минерали, Европската Унија веќе распиша втор конкурс за финансиска поддршка за рудници на европската почва, кој трае до 15 јануари. Брисел финансира ископ и преработка на литиум, бакар, кобалт, никел и други минерали без кои не е можна зелената транзиција.

Во нашето опкружување веќе се отвораат рудници, или е во најава да се отворат. Така, во Грција, на полуостровот Халкидики, омиленото летувалиште на Македонците, се отвора рудник за бакар и за злато кои се клучни за новата економија: златото како заштита од инфлација и несигурност, а бакарот за енергетската транзиција и електрификацијата. Канадската компанија „Елдорадо голд“ соопшти дека нејзиниот рудник ќе започне со експлоатација на бакар и на злато во првите месеци на 2026 година. Инвестицијата изнесува 1 милијарда долари и досега се завршени околу 70 % од изградбата на рудникот.

Екоактивисти и локални жители се противеа на отворањето рудник по што проектот беше замрзнат меѓу 2017 и 2021 година. По потпишувањето на новиот договор со грчката влада во 2021 година, канадскиот инвеститор ја обнови изградбата на рудникот кон крајот на 2022 година. Рудникот, кој ќе отвори преку 100 директни и индиректни работни места, поседува докажани резерви од 3,7 милиони унции злато и 1,7 милијарди паунди бакар, а предвидено е да работи 20 години.

Во Албанија веќе се истражува за нови наоѓалишта. Во рударските области на Поградец, гратче на Охридското Езеро, се посочува дека има наоѓалиште на кобалт кој е од особено значење за литиумските батерии кои се важен дел од електричните автомобили и паметните телефони, а никел има во близина на доезерското село Червеник, како и во Прењас и Либражд, но и во областа на Кукс каде што има резерви и на бакар, кој е важен за повеќе сектори – од енергетиката (во изградба на ветерници, соларни панели, електрични возила…) и во градежништвото. Бакарот беше клучен минерал и во т. н. трговска војна помеѓу САД и Кина. Цената за овој минерал изминативе недели достигна рекорди, а прогнозите се дека и во иднина ќе расте поради големата побарувачка и сѐ помалата експлоатација.

Во Бугарија, компанијата „Аурубис Бугарија“ со германски сопственици соопшти дека ќе направи реконструкција на постоен рудник за производство на бакар во близина на Пирдоп и Златица и во тоа планираат да инвестираат повеќе од половина милијарда евра, со цел да се обезбеди долгорочна експлоатација.

Во Бугарија, во областа Крџали, на неколку километри од градот Крумовград, канадската компанија „Данди прешис металс“ експлоатира злато од тамошниот рудник. Рудникот почна со работа во 2019 година во заштитеното подрачје „Натура 2000“ и според плановите, во април наредната година ќе прекине и ќе се преселат во Србија, да работат на ископ на злато и на сребро во друг рудник.

Во Романија, пак, се на чекор до отворање на еден од најголемите рудници за бакар и за злато во Европа, „Долина Ровина“. Процедурите за проектот забрзаа откако тој се најде на листата на 47 стратешки проекти на Европската Унија, кои тежнеат да го направат континентот енергетски независен од трети страни. Зад овој проект стои компанијата „Еуро сан мајнинг“, како и инвеститорот Трафигура, а рудникот за бакар содржи околу 10,4 милиони унции еквивалент на злато.

И во други земји на ЕУ забрзано се отвораат рудници и во заштитени подрачја, како на пример, во Франција. Меѓутоа, експлоатацијата на рудата во овие држави е според строги регулаторни правила и со примена на најдобрите европски практики во одржливото рударство и во заштитата на животната средина, нешто што весникот ВЕЧЕР имаше можност да го види во рудникот крај Крумовград.

Се сече амазонската прашума за експлоатација на ретки минерали

Додека западните земји се стремат да се диверзифицираат од кинеската доминација, кинеските купувачи сè повеќе пристапуваат до материјали од региони со слаб регулаторен надзор, вклучувајќи ја и граничната област меѓу Колумбија и Венецуела во Јужна Америка, но и на пример во земји на азискиот континент.

Британскиот дневен весник „Гардијан“ деновиве објави извонредна сторија за беззаконската трка по ретки минерали во Венецуела, каде што герилските групи ја презеле контролата врз рударските области, експлоатирајќи го домородното население и поттикнувајќи ја еколошката пропаст. Тамошните власти ги бркаат шверцерите на калај и на колтан (познат како танталит) низ водните патишта на границата со Колумбија, како што е реката Ориноко.

– Ретките земјени елементи и критичните минерали се вадат во области под контрола на герилски групи, што вклучува систематски злоупотреби на човековите права и забрзување на уништувањето на животната средина во еден од најважните екосистеми на Земјата, амазонскиот басен кој содржи богати наоѓалишта на критични минерали, вклучувајќи калај, волфрам, тантал и ретки земјени елементи – пишува „Гардијан“.

Локални рудари за весникот изјавиле дека некои рударски операции доведуваат до сечење на амазонската прашума.

– Сè срушија и направија аеродром. Ужасно е, за две или три години, целата река ќе биде контаминирана бидејќи веќе се дојдени многу машини со висок калибар – вели венецуелски рудар.

Герилските групи наводно ја контролираат и сексуалната работа во рударските области, односно продаваат жени за злато, а други сведочат за весникот дека „има и егзекуции и импровизирани затвори во џунглата што ги користат вооружени групи за да ги казнат оние што ги кршат нивните правила“.

Бразил, пак во 70-тите години од минатиот век вршеше геолошки истражувања, а денес, за да ги заштити најголемите резерви на ниобиум во светот и вторите по големина наоѓалишта на ретки земјени елементи, претседателот, Луиз Инасио Лула да Силва, прифати стратегија за „национален суверенитет“, одржувајќи го владиниот надзор, а воедно поддржувајќи ги меѓународните партнерства. Неодамнешните договори со Обединетите Арапски Емирати и разговорите со администрацијата на Трамп, покажуваат дека Бразил останува отворен за бизнис.

Азиската држава Лаос доживува процут на рудници на ретки метали и минерали по должината на речните сливови, што потенцијално претставува прекугранична закана за загадување на водата за соседен Виетнам и целиот систем на реката Меконг. Новите наоди сугерираат дека побарувачката на Кина за минерали од ретки минерали довело до проширување на индустријата во Лаос, иако екстракцијата на минерали од ретки минерали во моментов таму е нелегална.

Истражувањето од американскиот тинк-тенк „Центар Стимсон“ идентификуваше 27 рудници за ретки минерали што се отворија низ речните сливови во Лаос од 2022 година, вклучувајќи седум што се идентификувани годинава преку анализа на сателитски снимки. Дваесет и три од овие рудници се чини дека се во заштитени подрачја, но не е јасно дали работат со дозвола од службени лица. Петнаесет од овие рудници работат во сливот на реката Меконг, кој ги одржува животите на повеќе од 50 милиони луѓе кои зависат од него за храна, вода и егзистенција. Други 10 рудници за ретки метали се на реките Нам Хао и Нам Ксан, во сливот на реката Ма, каде што тие не само што претставуваат прекуграничен ризик за Виетнам, туку и за Националната зона за зачувување на биодиверзитетот Нам Ксам на границата помеѓу Лаос и Виетнам, дом на критично загрозениот северен белообразен гибон и на загрозениот азиски слон.

– Рударството на ретки земјени елементи има најголемо влијание врз заедниците. – се сечат дрвјата, се применуваат многу процеси со употреба на хемикалии, кои потоа стигнуваат до реките, убиваат риби и други живи организми умираат за ретки земјени минерали – велат експертите.

Во Македонија, отворањето нови рудници е во застој

На сите ни е јасно дека развојот на одредени технологии кон кои сите ние се движиме, не може да оди напред ако немаме минерални ресурси кои ќе го следат тоа. Во Македонија, отворањето нови рудници е во застој, но по усвојувањето на новите закони за минерални суровини и за рударство и стратегијата за развој 2025-2040 година, се очекува во земјава засилено да сe трага по критични минерални суровини.

Универзитетскиот професор по геологија, Соња Лепиткова, во телевизиско гостување неодамна истакна дека отворањето рудници можат да ѝ овозможат економска стабилност на Македонија.

– Ако се земе бакарот како најважен критичен минерал, тој има висока цена и може да овозможи голем потенцијал. ЕУ веќе нагласи дека не треба да се чека толку долго. Тие кажуваат дека бакарот не е толку штетен минерал и елемент како што пред тоа се мислело, но мора да се следат научните достигнувања. Во Македонија, 40 години се нема отворено нов рудник, освен „Боров дел“, како продолжение на серијата на рудникот „Бучим“ за ископ на бакар. Во моментов, единствена сериозна инвестиција во рудник за бакар е во Иловица. Во стратегијата за минерални суровини на МАНУ се нагласува дека Македонија поседува значително количество на овој критичен минерал – рече Лепиткова.

Според дел од геолозите и инженерите, Македонија лежи на бакар и на злато, а ваквите тврдења се потврдуваат и во нацрт-стратегијата за минерални суровини, која ја изготвува МАНУ. Најчесто поради правната несигурност и одредени критики, инвестициите за рудници за бакар во земјава не се реализираат. Од ресорното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини  посочуваат дека за државата е најдобро за отворање нови рудници да склучи јавно-приватно партнерство бидејќи нема толку средства сама да биде инвеститор.

Во новите законски решенија, особено оние што се однесуваат на рударството, се става акцент на воведувањето на построги стандарди за заштита на животната средина, зголемување на транспарентноста во работењето на компаниите што работат со рудници, поголема контрола врз безбедноста и здравјето при работа, како и обврската за инклузивен дијалог со локалната заедница.

– Нашата цел е да обезбедиме јасни правила на игра за компаниите и највисоко ниво на заштита на граѓаните и на животната средина. Рударството треба да се развива на одржлив начин, кој ќе обезбеди и економски пораст и сигурност за работниците – вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Таа најави построги критериуми при доделување на концесии за експлоатација на минерални суровини.

– Имаме 46 раскинати концесии, 34 еднострано раскинати, затоа што најдовме работи кои тие не ги исполнуваат согласно со законот и поведовме постапка за еднострано раскинување. Кога добиваме нови барања за концесии сме многу построги, бараме и физибилити студија и колку има за ископување, ќе го гледаме и периодот на траење на концесиите бидејќи сите досега се даваат на максимален период. Решивме да набавиме беспилотно летало за ненајавени контроли. Тоа треба да има одличен софтвер и ќе ни каже колкави се резервите во концесиското подрачје – вели Божиновска.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ