Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави на денешната Минхенска безбедносна конференција дека Соединетите Американски Држави (САД) засекогаш ќе останат врзани за Европа, дури и додека се залагаат за промени во односите и меѓународните институции кои беа бедем на светскиот поредок по Втората светска војна, и дека САД се наоѓаат на западната хемисфера, но дека секогаш ќе бидат „дете“ на Европа.
Рубио рече дека „еуфоријата“ поради победата на Западот во Студената војна довела до „опасна заблуда дека сме влегле во „крајот на историјата“, дека секоја нација сега ќе биде либерална демократија… и дека ќе живееме во свет без граници, каде што секој ќе стане граѓанин на светот“.
- Ги направивме овие грешки заедно и сега им должиме на нашите народи да се соочиме со овие факти и да продолжиме кон реконструкција, рече Рубио.
Според него, под Трамп, САД „повторно ќе ја преземат задачата за реконструкција“.
- Затоа претседателот Трамп бара сериозност и реципроцитет од нашите пријатели тука во Европа. Во време кога насловите го најавуваат крајот на трансатлантската ера, нека им биде јасно на сите дека ова не е ниту наша цел ниту наша желба. Бидејќи како Американци, нашиот дом можеби е на западната хемисфера, но ние секогаш ќе бидеме дете на Европа, рече американскиот државен секретар.
- И денес сум тука за да ставам до знаење дека Америка го отвора патот за нов век на просперитет и дека повторно се стремиме да го сториме тоа заедно со вас, нашите драги сојузници и нашите најстари пријатели, додаде Рубио.
Рубио рече дека Обединетите нации „сè уште имаат огромен потенцијал“, но дека „немаат одговори и практично не играле никаква улога“ кога станува збор за прашањата што итно треба да се решат денес.











