
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека признавањето на палестинската држава од страна на неколку земји, вклучувајќи ги клучните сојузници на САД Франција, Велика Британија и Канада, има мало значење, пренесе „Танјуг“.
„Ниту еден од сојузниците што ја признаа палестинската држава на конференцијата на Обединетите нации за решението за две држави навистина нема да игра голема улога во завршувањето на овој конфликт во Газа. Всушност, тоа е нивната реакција на нивните сопствени домашни политики, знаете, демонстрантите на нивните улици и такви работи“, изјави Марко Рубио за NBC News еден ден по конференцијата на високо ниво, која беше бојкотирана од САД и Израел.
Тој додаде дека не е загрижен за изолацијата на САД по ова прашање.
„Воопшто не ме загрижува. Вистината е дека секое идно решение на ова прашање со Израел ќе мора да се постигне преку преговори, тоа нема да зависи од Франција, Велика Британија или која било друга земја“, додаде тој.
Рубио нагласи дека целта не е „завршување на војната, туку мир“ и дека мирот не може да се постигне додека постои Хамас.
„Ова е група посветена на уништување на еврејската држава. Тие го повторуваа тоа постојано. И тоа е она што го покажаа во текот на своето постоење. Значи, не станува збор толку за искоренување на Хамас колку за мир. Не можете да имате мир додека постои Хамас“, предупреди американскиот државен секретар.
Тој додаде дека фундаменталниот чекор кон тоа е ослободување на заложниците, и мртвите и живите, и елиминацијата на Хамас, така што луѓето од Појасот Газа „имаат шанса“ за реконструкција и подобра иднина, со помош на многу земји низ целиот свет, вклучувајќи ги и САД, кои би учествувале во тоа.
„Мислам дека тоа е она што сите сакаме да го видиме постигнато. И сега имаме многу тесен временски рок за да се надеваме дека ќе го постигнеме тоа пред ова да ескалира понатаму“, заклучи Рубио.