Државниот секретар на САД, Марко Рубио, го нарече процесот на решавање на војната на Русија во Украина можеби најтешкиот предизвик и изјави дека трпението на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, не е неограничено.
Рубио, за време на министерскиот состанок на Советот за безбедност на ОН посветен на Украина, рече дека САД нема да се двоумат да воведат санкции против Русија или да продадат одбранбено оружје, а потенцијално и офанзивно оружје на Киев, со цел да ја принудат Москва на мир.
– Војната во Украина – војната меѓу Русија и Украина се покажа како исклучително тежок предизвик – нагласи државниот секретар на САД за време на своето обраќање, објави Стејт департментот утрово.
Тој истакна дека Трамп и неговиот тим „неуморно работат“ за да постигнат решение, посветувајќи огромно количество од своето време и енергија на тоа, и дека војната во Украина не може да се заврши воено.
– Ќе заврши на преговарачката маса – таму ќе заврши оваа војна. Но, колку подолго трае тоа, толку повеќе луѓе ќе умираат, ќе има повеќе уништување – додаде шефот на Стејт департментот.
Според него, американскиот претседател „покажа извонредно трпение, избегнувајќи дополнителни санкции против Русија со надеж дека ќе постигне напредок по ова прашање“.
– А сега гледаме и упади во соседниот воздушен простор и од беспилотни летала и од авиони – додаде Рубио.
Американскиот државен секретар нагласи дека претседателот на САД има способност и опции да воведе дополнителни економски санкции против Русија, доколку е потребно, за да го запре овој развој на настаните.
Покрај тоа, според него, Трамп има сè што му е потребно за да продаде „одбранбено и, очигледно, офанзивно оружје за да може Украина да се одбрани од овие напади“.
– Ќе дојде време кога ќе бидеме принудени да заклучиме дека, очигледно, нема интерес за мирно решение. И тогаш претседателот ќе има вистински опции пред себе, кои ќе ги спроведе, како што јасно нагласи денес во некои од неговите изјави – нагласи Рубио.