Рубио и Лавров се разидоа, ќе се сретнат ли Трамп и Путин?

374

Големи се шансите да се изјалови одржувањето на најавениот самит на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин во Будемпешата. Подготвителниот состанок меѓу државниот секретар на САД, Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, е одложена, со што се доведува во прашање и средбата меѓу Трамп и Путин, објави Си-Ен-Ен, иако, во моментов е непознато како одложувањето на овој подготвителен состанок ќе влијае на планираниот самит меѓу Трамп и Путин. Но,  Кремљ вчера објави дека таа средба не била ни закажана, за да биде откажана.

Според еден извор средбата Лавров-Рубио е одложена зашто двајцата имале различни очекувања во врска со можниот крај на војната во Украина. Тие во понеделникот разговараа по телефон, а извор запознаен со ситуацијата изјави за Си-ен-ен дека по разговорите, американските претставници заклучиле дека руската позиција не се поместила значително од максималистичките позиции. Затоа, додава изворот, Рубио веројатно нема да препорача одржување средба меѓу Трамп и Путин следната недела, но не е исклучено тој и Лавров повторно да разговараат.

Од друга страна, „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на „Киев индепендент“ пишува дека Путин повторно побарал од американскиот претседател да изврши притисок врз Украина да го предаде источниот регион Донбас – територија што Москва се обидува да ја окупира повеќе од една деценија. Весникот наведува дека за време на последната средба, Трамп го повикал украинскиот претседател Володимир Зеленски да му го предаде целиот Донбас на Путин, област што ги вклучува регионите Доњецк и Луганск, како и  делови што сè уште се под украинска контрола. Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, главен посредник на Трамп со Кремљ, наводно ѝ рекол на украинската делегација дека Донбас треба да биде предаден затоа што таму претежно се зборува руски, со што ја повторил една од најстарите пропагандни тези на Кремљ. Но,  друга е вистината за тоа зошто Донбас, историски регион на истокот на Украина, со име кое е кратенка од  „Доњецки јагленов басен“ и е толку важен на Русија. Одговорот лежи во економската корист. Доњецк и Луганск се економскиот мотор на Украина, кој создава близу 16 проценти од нејзиниот БДП. Пред руската инвазија, во тие области работеа стотици металуршки и  хемиски и фабрики, како и рудници за јаглен кои извезуваа низ целиот свет.

ИЗДВОЕНИ