Професорот Горазд Росоклија, преку писмена изјава за ТВ Телма тврди дека извозот на мозоци од Македонија на Универзитетот во Колумбија било стриктно со научна цел и дека за сите нив имало согласност од родителите на донаторите.
Тој тврди дека тоа било грант односно проект исклучиво за истражувачка дејност. Грантот бил потпишан во 1996 година помеѓу Универзитетот Колумбија и македонските медицински експерти, како и со Институтот за судска медицина, Институтот за патологија и Психијатриската клиника. Росоклија истакнува дека сите активности биле целосно етички и легални:
„Тој грант како и сите други грантови со Макелонија (мислам б или 7) ги имаат сите согласности од етичките комитети на Медицинскиот факултет, после 2006 кога станав академик и на етичкиот комитет на МАНУ како и на Колумбија, и за секое ткиво кое е користено има писмена согласност од семејството за интервју и за користење на ткивото“, стои во неговиот одговор за Телма ТВ.
Во делот за писмото упатено до Епштајн, Росоклија јасно го формулира ставот како претпоставка и го поврзува со идејата за претставување на научната работа и обезбедување финансиска поддршка.
„Претпоставувам дека тоа писмо му е испратено на Епштајн со цел да му се прикаже научното работење на одделот и да му побараат средства за финансирање на науката, а професорот Дума преку тој проект им ги отвори вратите на научниот свет на своите вработени, што во македонски услови и за македонскиот менталитет бил огромен чекор. За оваа соработка, Дума, јас и колега од Колумбија објавивме научен труд во Прилози (часописот на МАНУ), објаснувајќи го целиот проект во детали“, напиша Росоклија.












