Фудбалерите на Ал Наср со пораз го завршија првенството на Саудиска Арабија. Во последното коло загубија на гостувањето кај Ал Фатех со 3:2, оставајќи ги на третото место во поредокот со 70 бодови, пет помалку од второпласираниот Ал-Хилал, кој на тој начин следната сезона ќе игра во Азиската Лига на шампиони покрај шампионот Ал-Итихад.
Кристијано Роналдо го постигна својот 25-ти првенствен гол сезонава и 35-ти во сите натпреварувања. Со ова тој втор пат по ред ја доби наградата за најдобар стрелец на саудиското првенство, а се чини дека го одигра последниот натпревар за клубот од Ријад.
По натпреварот, Роналдо на социјалните мрежи објави своја фотографија од натпреварот со краток натпис: „Ова поглавје заврши. Приказната? Уште се пишува. Благодарен на сите“.
Договорот на Португалецот со Ал Наср истекува на 30-ти јуни, а фактот што до денес нема нов договор се погласни се шпекулациите дека Роналдо се подготвува да си замине по две и пол години минати во Саудиска Арабија.
Повеќекратниот освојувач на „Златната топка“ ја заврши својата авантура во Ал Наср како еден од најуспешните играчи во историјата на саудискиот фудбал, поставувајќи бројни рекорди и донесувајќи меѓународен престиж на клубот од Ријад. Португалскиот ас, кој пристигна во Ал Наср на 1 јануари 2023 година со најголемиот договор во историјата на спортот вреден 200 мил. евра годишно, има одиграно вкупно 111 натпревари за клубот и постигна импресивни 99 гола во сите натпреварувања.
Во сезоната 2022/23. тој постигна 14 гола во 16 лигашки настапи, вклучувајќи хет-трик против Ал Вехда и Дамак. И покрај индивидуалните успеси, Ал Наср заврши како вицешампион во лигата.
Сезона 2023/24. беше најдобар за Роналдо во Ал Наср, кога постигна неверојатни 50 гола на 51 натпревар во сите натпреварувања. Во 2023 година, Роналдо го освои својот прв и единствен трофеј со Ал Наср, Купот на арапските клупски шампиони. Тој постигна два гола во победата од 2-1 во финалето против големиот ривал Ал Хилал и заврши како најдобар стрелец на натпреварувањето со шест гола. Во последната сезона Роналдо одигра 41 натпревар и постигна 35 погодоци.