
Кристијано Роналдо би можел да биде главната приказна на зимскиот преоден рок. Португалската суперѕвезда, која во февруари полни 42 години, сè повеќе се поврзува со заминување од саудискиот Ал-Наср и евентуално враќање во европскиот фудбал.
Според турските медиуми, Фенербахче сака да го доведе Роналдо уште во јануари и тие работат во Истанбул на проект кој би можел да стане еден од најголемите трансфери во историјата на турскиот фудбал.
Се вели дека во целата приказна е вклучен и познатиот турски бизнисмен Хакан Сафи, кого медиумите го опишуваат како близок пријател на Кристијано Роналдо. Токму тој, заедно со претседателот на клубот Али Коч и неколку други финансиски моќни луѓе околу Фенербахче, треба да помогнат во реализацијата на спектакуларниот договор.
Гласиштата за можна разделба се засилија дополнително по тешкиот пораз на Ал-Наср од Ал-Аин (0:4) во Азиската Лига на шампиони. Роналдо одигра натпревар под нивото на очекувањата, а за време на натпреварот реагираше бурно неколку пати поради настаните на теренот.
Во исто време, саудиските медиуми пишуваат дека Ал-Наср би можел да биде подготвен да го пушти Роналдо оваа зима. Новинарот Сауд Ал-Сарами, поранешен портпарол на клубот, рече дека верува оти е дојдено време да се збогува.
„Кристијано стана играч чиј мандат истече во Ал-Наср и мислам дека би можел да замине во зимскиот преоден рок“, рече Ал-Сарами.
Роналдо постигна три гола на седум настапи оваа сезона, а според истите извори во клубот, тие веруваат дека неговиот придонес повеќе не е во согласност со огромниот договор вреден околу 200 милиони евра годишно.
Договорот на португалската ѕвезда со Ал-Наср истекува на крајот од сезоната, па евентуалното заминување во јануари би донело огромни заштеди на плати за саудискиот клуб.
Сепак, целата ситуација не е едноставна. Роналдо не е само играч на Ал-Наср, туку според претходните информации, тој поседува и 15 проценти од акциите во клубот, што би можело да ги направи преговорите за заминување значително покомплицирани.











