
Со 40 години, на Кристијано Роналдо му е јасно дека е на крајот од својата професионална фудбалска кариера. Додека беше во тренинг кампот на португалската репрезентација – „Лузитанијана“, тој отворено зборуваше за моментот кога ќе „ги обеси копачките“ и откри дека планира да игра уште неколку години.
„Сакам да играм уште неколку години, не многу… Морам да бидам искрен. Сè уште создавам добри работи, му помагам на мојот клуб и на репрезентацијата. Зошто да не продолжам? Сигурен сум дека кога ќе се пензионирам, ќе го правам тоа со исполнетост, бидејќи дадов се од себе.“
„Во моментов уживам во сегашноста. Знам дека немам уште многу години да играм, но морам да го живеам малкуто време што ми останува до максимум. Имам животна филозофија каде што уживам ден по ден. Немам долгорочни планови. Уживам во секој ден и во секој тренинг“, изјави Роналдо за „athlonsports“.
Иако е највозрасен во националниот тим на Португалија, Роналдо постигна два погодока на последниот квалификациски дуел против Унгарија кој заврши без победник (2:2).
И покрај киксот, Португалија е првопласирана во својата група и има најголеми шанси да обезбеди директен пласман на следното Светско првенство кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.
Можеби, за време на завршниот турнир, фудбалските фанови ќе бидат сведоци на уште една, најверојатно последна пресметка помеѓу фудбалските магионичари, Лионел Меси и Кристијано Роналдо.









